Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2020 година

Фото: Мета.мк

Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2020 година. Нејзин добитник е Ален Калач, награден со втора награда за трудот „Унапредување на процесот на кредитна анализа кај банките преку употреба на методи од машинско учење“, информираат од банката. 

Трудот на Калач беше оценет со највисока просечна оценка, во согласност со критериумите од објавениот конкурс, велат од Народната банка. Калач го истражувал прашањето за прецизна оцена на кредитниот ризик преку примена на методи од вештачката интелигенција, односно машинското учење.

„Преку тестирање и споредување на перформансите на повеќе методи и модели, авторот дава конкретни заклучоци во поглед на користењето и прецизноста на секој од нив, како и конкретни препораки за нивна примена во рамки на процесите на кредитна анализа и оценување од страна на домашните банки“, се вели во нивното соопштение.

Трудот на Ален Калач е објавен на веб-страницата на Народната банка. Годишната награда за млади истражувачи се доделува веќе четиринаесет годинисо цел стимулирање на развојот на научната мисла во земјата и заради афирмација на младите стручни кадри.

Конкурсот за годинешната Награда беше објавен кон средината на минатата година, а трудовите се доставуваа до 1 февруари оваа година. Согласно стандардно утврдените правила, право на учество на конкурсот имаат авторите од земјата на возраст до триесет и пет години, при што секој автор може да конкурира само со еден труд, којшто задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. На годинешниот конкурс беа уредно пристигнати и разгледани вкупно пет трудови од млади истражувачи.