fbpx

Нападнатиот професор Илјази бара борба против неказнивоста и незаконитоста во Охрид

-

Универзитетскиот професор Илjаз Илjази, кој неодамна беше физички нападнат од страна на советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини, порача дека мора да се стори нешто против неказнивоста и незаконитоста во Охрид.

Усеини го нападнал професорот Илјази пред зградата во која живее на улицата „Сатеска“ поради спор околу незконско приклучување на водоводната мрежа. Професорот Илјази е претседател на Заедницата на сопственици на станови на зградата и реагирал во тоа својство, а по кратката расправија со станари од соседната зграда дошол Нефи Усеини, физички го нападнал и му се заканувал со убиство, пишува Порталб.мк.

Професорот даде свој коментар и на реакциите на овој случај од страна на политичките партии Алијансата за Албанците (АА), Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и ВМРО-ДПМНЕ, кои ги оценува како коректни, додека, пак, за реакцијата на вицепремиерот Бујар Османи вели дека е „надвор од неговите надлежности“.

– Вчера реагираше „Еко герила“, и тоа е коректен став, реагираше и АА и таа беше коректна и внимателна. И реакциите на останатите партии беа коректни. Само за изјавата на вицепремиерот Бујар Османи, во која е тој вели дека „ние ќе го контролираме правниот аспект“, мислам дека нема надлежност да го стори тоа. Органите ги презедоа активностите. Бев интервјуиран. Органите за внатрешни работи излегоа со став дека јас сум нападнатиот, изјави за Порталб.мк професорот Илjази.

Тој не сака да зборува за инцидентот, туку порачува дека поважно е да се фокусираме на прашањето на занемарување на појавата на неказнивоста и незаконитостите во Охрид.

-Не сакам да објаснувам повеќе за таа ситуација, што и како било. Органите за внатрешни работи треба да си ја вршат својата работа. Мислам дека тука проблем е занемарувањето на тој дел од градот, каде што се случи настанот, дури и од страна на владата. Тоа се реалните проблеми, а не начинот на кој што ме нападнал и зошто ме нападнал. Важно е дека јас не го познавам тоа лице, ниту го имам видено некогаш. И да го видам сега, искрено нема да го познам. Можам да кажам дека тој ме знае како личност, не знам што слушнал за мене, но знам дека тој дојде директно и ме нападна. Побарав да се претстави, ми рече: Јас сум советникот Нефи и сега ќе видиш … и сега е банално да се зборува за овие работи – вели Илjази во изјава за порталот.

Покрај политичките партии, нападот врз професорот Илjази го осуди и движењето “Еко герила“. Тие оценија дека културата на неказнивост на кривични дела од страна на политички функционери е неподнослива и побараа Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи (МВР) да го казнат напаѓачот- Нефи Усеини, пренесува Порталб.мк.

„Високо го цениме придонесот на Илjаз Илjази, како наш надворешен консултант и експерт за прашања во врска со загадувањето на животната средина, и изразуваме сериозна загриженост дека владеењето на правото во нашата земја е далеку под очекувањата на граѓаните. Културата на неказнивост за кривични дела од страна на политички функционери е неподнослива“, се вели во реакцијата на „Еко герила“.

Тие бараат од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи итно да реагираат и да ги казнат сторителите. Најавуваат дека нивната реакција ќе ја достават и до меѓународните организации и амбасадите во земјава со цел да ги потсетат дека „еден од главните услови за започнување преговори со ЕУ се реформите во правдата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и функционирањето на владеењето на правото “.

Во врска со случајот, МВР извести дека на 29.07.2019 година околу 10 часот на улицата „Сатеска“ во Охрид, бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад извршен од Н.У. (44) и едно друго лице, над лицето И.И. (60) од Охрид. Н.У. бил повикан во полициската станица на информативен разговор. Против него и вториот напаѓач ќе биде поднесена соодветна пријава.

Партиите ДУИ и СДСМ соопштија дека секој незаконски чин треба да биде осуден, додека премиерот Зоран Заев пред неколку дена рече дека општината Охрид донела одлука за разрешување на Усеини и се очекува постапката да започне.

Нефи Усеини беше пријавуван за серија напади и закани во последниот период, а е исто толку познат и по својата пицерија – дивоградба веднаш до Чинарот во центарот на стариот дел од Охрид.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...