Нуркачкиот центар „Амфора“ предупредува дека Охридско Езеро се полни со отпад од четири реки (галерија)

Мрежа за зафаќање на отпадот што реките во Охридско го носат во езерото. Фото: Нуркачки центар „Амфора“

Нуркачкиот центар „Амфора“ го реализираше успешно проектот „Подводна еко патрола”, чија цел беше да се откријат вливовите на реките преку кои најмногу се загадува Охридското Езеро со цврст отпад. Беа опфатени четири реки: Черава, Грашница, Далјан и Сатеска.

„Состојбата со вливот на реките во езерото е алармантна. Овој проблем е одамна познат во пошироката јавност. Има присуство на големи количини отпад во форма на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека… Нуркачите од Амфора оваа состојба ја евидентираа со подводно фотографирање и снимање, а изработија и карта со загадени зони (црни точки)“, велат од „Амфора“

Бидејќи цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит, потребно е сеопфатно решение на овој фундаментален проблем. Постојат неколку практични решенија кои можат да се применат на вливовите. Предлози на меѓународниот нуркачки инструктор Јован Секулоски за наједноставно справување со овој проблем се :

  • Мрежна структура за зафаќање на отпадот која ќе се протега на ширината на вливовите, а потоа ќе се управува од копно или пловен објект.
  • Пакет за чистење реки – иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана.

Проектот на „Амфора“ е финансиран од Општина Охрид, Одделение за спорт.