Наместо ваучери за туризам, студентски собранија бараат енергетска ефикасност на факултетите и домовите

Одлична е идејата студентите да имаат можност да ги посетат знаменитостите во нашата држава во текот на слободните периоди при студирањето, но потоа студентите 9 месеци престојуваат во студентски домови чии услови не се задоволени со Законот за студентски стандард, сметаат претставниците на студентите

Фото: Мета.мк

Најавените ваучери за домашен туризам за студентите на државните универзитети наидоа на реакција од дел од универзитетските студентски собранија и организации, кои предложија пренамена на средствата.

Мерката беше најавена минатата седмица, кога министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека ваучерите што претходно беа наменети за работници со ниски приходи, од следната година ќе може да ги користат само студентите.

„Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме одлука оваа мерка следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата“, изјави Бектеши минатата седмица.

За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија, а вредноста на ваучерите беше најавено дека ќе се утврди во консултација со студентите.

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, заедно со собранијата на универзитетите „Св. Климент Охридски“ од Битола и „Св. Апостол Павле“ од Охрид, како и Форумот за образовни промени, денеска излегоа со став околу најавената мерка.

Овие студентски собранија и организации велат дека ја поздравуваат мерката наменета за подигнување на студентскиот стандард и дека истата е корисна за студентите оваа година. Меѓутоа, велат тие, не се предвидува дека македонските студенти ќе добиваат ваучери за домашен туризам секоја година.

„Одлична е идејата студентите да имаат можност да ги посетат знаменитостите во нашата држава во текот на слободните периоди при студирањето, но потоа студентите 9 месеци престојуваат во студентски домови чии услови не се задоволени со Законот за студентски стандард во кој е наведено следното: Студентски дом е установа која на студентите им обезбедува сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности“, се вели во заедничкото соопштение на дел од студентските собранија.

Тие предлагаат средствата преку ребаланс на буџетот на Министерството за економија да бидат пренаменети за долгорочни приоритетни решенија што ќе го подобрат стандардот на студентите.

Како дел од решенијата што ги предлагаат скопското, битолското и охридското универзитетско студентско собрание и Форумот за образовни промени се:

  • Подигнување на енергетската ефикасност на студентските домови чии режиски трошоци ги плаќа МОН, при што заштедата за електрична енергија од поставените соларни панели ќе може понатамошно да се искористи студентскиот дом да може да ги подобри основните услови во домот (топла вода, парно, нова водоводна и електрична инсталација, подобар квалитет на храна);

 

  • Заштедените средства од енергетската ефикасност можат да се искористат и за организирани патувања од страна на студентските домови за студентите кои престојуваат при што патувањата би довеле до развој на домашниот туризам;

 

  • Енергетска ефикасност на универзитетите – чии режии исто така ги плаќа Министерството за образование и наука.

„Оваа заштеда може да биде искористена во подобрување на условите за студирање, подобро опремени лабаротории, урбанизирани универзитети, при што овие мерки на долг рок ќе привлечат меѓународни студенти, при што домашниот туризам повторно ќе бележи раст“, сметаат студентските собранија.