Наместо електронско поднесување, Град Скопје бара нотарска изјава за субвенции за велосипеди

Искра Белчева-Ристовска од Центарот за управување со промени (ЦУП) вели дека на овој начин, во време на дигитализација, институциите само назадуваат со ваков вид барања до граѓаните за поднесување барања во хартиена форма и заверки на изјава кај нотар

Фото: Мета.мк

Изјава заверена на нотар бара Градот Скопје за лицата кои годинава аплицираат за да добијат субвенција за купување велосипед. Ова не било практика во последниве години, туку се воведува од годинава. Големи реакции за ова можат да се видат од скопјани на социјалните мрежи, каде граѓаните реагираат дека наместо да се воведуваат електронски апликации, се оди чекор наназад, па граѓаните мораат да заверуваат нотарски изјави и да пополнуваат други документи и да ги носат во архивата на Град Скопје, за да аплицираат за субвенција за купување велосипед.

Од Град Скопје, пак, за Мета.мк велат дека потребата од изјава на нотар е произлезена од забелешките на надлежните ревизии за постоење опасност од злоупотреба на лични податоци при барање на копија од лична карта при аплицирањето.

„Со изјавата од нотар, барателите на субвенција всушност даваат согласност за користење на нивните лични податоци во процесот на аплицирање и истовремено со тоа ја гарантираат веродостојнота на нивните лични податоци. Дел од јавните повици на Град Скопје за субвенции во минатото се реализирани по електронски пат и со аплицирање онлајн и несомнено во иднина се планира повторно да биде применето“, велат од Град Скопје за Мета.мк.

Инаку, во нотарски заверената изјава, која чини 150 денари, граѓаните, приложувајќи ги своите податоци, под морална, материјална и кривична одговорност изјавуваат дека „личните податоци се точни и дека граѓанинот е согласен истите да се користат исклучиво за учество на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2023 година“.

Фото: Принтскрин, Град Скопје

Освен изјавата, граѓаните пополнуваат и барање за субвенционирање, копија од предната страна на трансакциска сметка, а барателите кои немаат
постојани примања да бидат регистрирани во Управата за јавни приходи со
отварање на свој профил за данок на личен доход. Понатаму, се бара доказ дека е извршено купување на еден нов велосипед и тоа со приложување
на оргинал фискална сметка, со датум од 01.01.2023 година сè до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена, но не подоцна од 31.10.2023 година, при што задолжително е велосипедот да е целосно отплатен.

Овие документи се поднесуваат до архивата, а субвенцијата изнесува најмногу 4.000 денари.

Едно лице може да поднесе само едно барање на јавниот повик, а услугата ќе биде „прв пријавен – прв услужен“. Од Град Скопје информираат дека досега се пристигнати 340 барања за субвенции, а субвенциите за 2022 година се во целост исплатени.

Белчева-Ристовска: Во време на дигитализација, ваквите хартиени форми и нотарски заверки се неприфатливи

Искра Белчева-Ристовска од Центарот за управување со промени (ЦУП) вели дека на овој начин, во време на дигитализација, институциите само назадуваат со ваков вид барања до граѓаните за поднесување барања во хартиена форма и заверки на изјава кај нотар.

„Денеска да барате да се поднесе барање за субвенција до архива, во плик, на кој пишува не отворај, освен за тендери, е неприфатливо. Во време на дигитализација во 21 век, особено после ковид кризата, кога сите брзо се прилагодија, па и кај нас приватниот сектор во голема мера се прилагоди, неприфатливо е јавните институции вака да назадуваат со барања за документи во хартиена форма и писмено доставувања барања. Ова е посебно неприфатливо, затоа што станува збор за индивидуални групи граѓани на кои им е потребно финансиско олеснување, но и полесен пристап до институциите“, вели Белчева-Ристовска за Мета.мк.

Таа вели дека не држи објаснувањето на Град Скопје дека станува збор за заштита на лични податоци, бидејќи имаме регулиран начин за заштита на лични податоци.

„За тоа има многу полесен начин, кој се практикува насекаде. Па така, кога ќе одите на веб-страницата, има „политика за користење на лични податоци“ и објаснување, а има и опции кога креирате профил, дека се согласувате за користење на личните податоци за таа и таа намена“, објаснува Белчева-Ристовска.

Инаку, јавниот повик за субвенции на велосипеди беше објавен на Фејсбук страницата на Град Скопје, а подоцна истиот беше избришан.

Принтскрин, профил на Фејсбук на Град Скопје

Сега, граѓаните за оваа мерка можат да се информираат единствено од веб-страницата на Град Скопје. Од инстутуцијата не одговорија на нашето прашање зошто повикот беше избришан и дали причината се крие во тоа што во коментарите можеа да се прочитаат бројни реакции во однос на поднесувањето на документацијата, во хартиена форма и со нотарска заверка.

Инаку, на јавните повици на Град Скопје за доделување субвенции, може да се забележи дека нотарски изјави се бараат и за останати услуги. Па така,
Градот Скопје доделува до 1.200 денари субвенции на домаќинствата на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за надоместување на дел од трошоците за чистење на оџаци за 2023 година.

„На граѓаните на кои им се потребни овие услуги сигурно не треба да им го отежнуваме процесот. Ваквото барање на нотарски заверена изјава е ништо повеќе од отежнување и обесхрабрување на граѓаните. Сето тоа чини дополнителни пари, а и најмногу чини време, а тоа денеска е еден од најважните ресурси. Нотарска заверка е 150 ден, плус време за одење на нотар, плус одењето до архива, повторно ќе чини 1.200 денари, или приближно толку“, вели Белчева-Ристовска.

Изјава од нотар се бара и за субвенции за електрични тротинети, инвертер клима уреди за загревање итн. Ваква практика имаат и дел од општините, наместо во електронска форма, барањата за субвенции од граѓаните да ги бараат во хартиена форма, со нотарски заверена изјава.