Најмладите и заштитата на личните податоци

Интернeтот нуди содржини со многу можности за забава, учење, но исто така може да биде ризичен доколку отсуствува соодветно ниво на внимателност

Фото: Julia M Cameron: https://www.pexels.com/photo/photo-of-woman-tutoring-young-boy-4145354/

Во време во кое голем дел од нашите активности ги споделуваме на интернет, приватноста има многу големо значење.

Интернeтот нуди содржини со многу можности за забава, учење, но исто така може да биде ризичен доколку отсуствува соодветно ниво на внимателност.

Ова е особено важно за децата, кои од најмала возраст се на „удар“ на дигитализација. Тие треба да го разберат значењето на приватноста и, што е поважно, да умеат да ги заштитат своите лични податоци.

Кога користат интернет, децата треба да бидат многу внимателни со споделувањето лични податоци како име, презиме, адреса, телефонски број, фотографии и други податоци, бидејќи не секој што користи интернет е искрен и има добри намери, па оттука податоците што ги споделуваат, може да завршат во погрешни раце.

Содржините што децата ги споделуваат на социјални мрежи и на други платформи можат да останат онлајн долго време (можеби и засекогаш). Затоа е важно да бидат внимателни со секоја своја онлајн активност, особено со споделувањето фотографии, коментари и лични работи.

Родителите имаат клучна улога во едукацијата на децата за правилната употреба на интернетот и заштитата на нивната приватност, бидејќи пристапот до електронски уреди и до интернет, на децата им е овозможен уште од најмала возраст, кога тие сè уште не го започнале воспитно-образовниот процес. Со децата треба да се разговара за ризиците и за предизвиците на дигиталниот свет и да им се објасни како да ги препознаат потенцијално опасните ситуации.

Исто така, родителите треба да бидат свесни дека споделувањето на податоците на своите деца (особено фотографии), може лесно да биде злоупотребено, а податоците и фотографиите да бидат објавени на сајтови со компромитирачка содржина, со порнографски содржини и сл.

Дополнително, родителите и децата треба да имаат свест дека објавувањето фотографии од други лица, треба секогаш да се прави со нивна согласност, имајќи ги предвид сите ризици што онлајн просторот ги носи со себе, но и фактот што објавувањето туѓи фотографии без согласност е неетички.

Имајќи ја предвид и важноста на ова прашање, македонскиот Закон за заштита на личните податоци дава поголем степен на заштита кога станува збор за обработка на лични податоци на деца.

Така, на пример, дете што има најмалку 14 години може само да даде согласност за обработка на неговите лични податоци и во тој случај обработката е законска. Ако детето има помалку од 14 години, обработката е законска само ако согласноста е дадена или дозволена од законскиот застапник на детето, најчесто родител или старател. Оние што ги обработуваат, односно: прибираат, чуваат, менуваат, организираат и т.н. личните податоци на детето, вклучително и градинките, училиштата и другите установи, имаат обврска да потврдат дека согласноста е дадена од законскиот застапник на детето.

Исто така Законот за заштита на личните податоци дава обврска на сите институции, организации, компании што обработуваат лични податоци да преземат соодветни мерки за обезбедување на сите информации во врска со обработката на личните податоци, вклучително и: правна основа за обработка, пренос на личните податоци надвор од државата, рок на нивно чување итн. на концизен, транспарентен, разбирлив начин и во лесно достапна форма, со користење јасен едноставен јазик, особено за информации што посебно се наменети за дете.

Децата, како и другите субјекти на лични податоци уживаат заштита од Агенцијата за заштита на личните податоци, односно со поднесено барање до Агенцијата кога обработката на личните податоци на детето ги прекршува одредбите од ЗЗЛП, Агенцијата има обврска да спроведе вонреден надзор и да го информира подносителот на барањето за текот и за исходот од постапката, вклучувајќи ја можноста за судска заштита.

Без разлика дали во врска со обработката на личните податоци на детето е искористено правото на поднесување на барање до Агенцијата, детето има право на ефективна судска заштита кога се повредени неговите права утврдени со ЗЗЛП, како резултат на обработката на неговите лични податоци, кое се остварува со поднесување тужба до надлежниот суд во согласност со закон.

Исто така, ЗЗЛП гарантира надоместок од контролорот или од обработувачот за дете што претрпело материјална или нематеријална штета како резултат на прекршување на ЗЗЛП, кој се остарува пред надлежен суд.

Освен Агенцијата за заштита на личните податоци, други органи што се овластени да постапуваат во случаи на злоупотреби на личните податоци на деца се и Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.

Остварувањето на правата на детето, комуникацијата со Агенцијата за заштита на личните податоци и со другите државни органи е обврска на законскиот застапник на детето, најчесто родител или старател.

Во секој случај, законската регулираност сама по себе не значи безбедност и сигурност. Заштитата на личните податоци и заштитата на приватноста во дигиталниот простор во голема мера зависат од нас самите и, за жал, тој товар паѓа и на децата.

Одговорноста на родителите, уште кога децата првпат доаѓаат во допир со интернет, едукацијата во градинките и во училиштата, како и зголемена активност за едукација од страна на приватни компании и државни институции (тука најмногу Агенцијата за заштита на личните податоци), мора постојано да се потенцираат бидејќи заштитата на личните податоци е процес што треба да тече непрекинато. Обемот на обработка на нашите лични податоци од ден на ден се зголемува и таа тенденција ќе продолжи со засилено темпо во иднина.

Останува обврската на сите чинители во општеството да работат со децата за тие да бидат свесни како да ги заштитат своите лични податоци и да може да се движат безбедно во онлајн окружувањето.

Автор: Ѓорѓи Рајчиноски

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.