Најкритична состојбата со пожарите е во Пехчевско и кај Македонски Брод

Војник на АРМ ангажиран во гаснење шумски пожар. Фото: Генералштаб на АРМ, 3 август 2021

Шумските пожари по тромесечната суша во земјава се закануваат да уништат уште дрвја и друга вегетација, а напорите да се изгаснат најголемите жаришта уште не вродија плод.

Во локализирања и гасење на шумските пожари се ангажирани пожарникарите, доброволци, војници, но и пет хеликоптери, од кои три дојдени на испомош од Србија. Од Бугарија стигнаа 25 пожарникари со 5 возила, што се вклучени во помош за гасење на големиот шумски пожар кај пехчевско Умлена. Се очекува денеска да стигне и засилувањето од Словенија – 16 противпожарни возила и 46 пожарникари.

Според последните податоци што ги соопшти вчера директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во земјава се активни 10 пожари, а најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, како и во регионот на Пехчево и Делчево.

Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и ѝ предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена. Владата утрово во 8.30 часот ќе одржи седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог.

Синоќа пристигна помошта од Бугарија – пет противпожарни возила кои се вклучија во гасењето на пожарот кај маалото Пасјак во селото Нов Истевник.

Владата вчера одлучи да им додели по 10.000 денари парична награда на вкупно 300 лица (пожарникари и останати граѓани) кои помогнаа во гасењето на шумските пожари. Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.