Националните паркови ќе добијат пари од буџетот и ќе наплатуваат влез

Целта е да се унапреди нивната работата и да се обезбеди потребна инфраструктура што ќе им овозможи да работат со екосистемски услуги, за сечата на дрва не им биде главен извор на приходи

Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Четирите национални паркови во земјава, „Пелистер“, „Галичица“, „Маврово“ и „Шар Планина“, за првпат ќе добијат пари од буџетот во висина од 20 милиони денари или нешто над 325.000 евра. Институциите кои досега постојано се финансираа исклучиво од сопствени средства и донации, со одлука на Министерството за животна средина годинава ќе бидат директно финасирани, а целта е да се унапреди нивната работата и да се обезбеди потребна инфраструктура што ќе им овозможи да работат со екосистемски услуги, за сечата на дрва не им биде главен извор на приходи.

Од Министерството информираат дека буџет сè уште не е распределен на националните паркови, а кој колку ќе добие зависи колку добри предлози за проекти ќе достават до нив во своите програми.

„Оваа година за прв пат МЖСПП преку буџетот обезбедува директна финансиска поддршка за четирите национлани паркови во висина од 20 милиони денари. Во моментов се изработуваат насоки со кои националните паркови ќе треба да ги достават своите предлози за активности за финансирање“, информираат од Министерството.

Најголем дел од финансиите ќе треба се искористат за имплементација на практични мерки за конзервација на диви видови, како и за искористување на екосистемските услуги кои треба да бидат донесат видлива промена и да генерираат финансиски средства за паркот.

„Целиот буџет за финансирање на нациналните паркови е обезбеден од страна на Министерството. Ќе се стремиме ова да стане пракса секоја наредна година“, посочуваат од МЖСПП.

Директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари вели дека се запознати со одлуката на Министерството да се озбезбедат директни финансии за парковите. Смета дека одлуката е за поздравување, а финансиите ќе им бидат добродојдени за олеснување на реализација на некои важни проекти.

„Ние веќе ја изготвивме Годишната програма врз основа на десетгодишниот План за управување и ја доставивме до Министерството. Во неа се наведени сите проекти кои се важни и насочени кон заштита, зачувување на биодиверзитетот и развој на паркот. Ако има потреба, врз основа на насоките од Министерството можеме некоја од нив да ги разработиме во детали“, вели Дехари.

Директорот на Националниот парк „Маврово“, Самир Ајдини, пак, вели дека сакаат со средствата кои би ги добиле од Министерството да ја активираат можноста да се наплатува влезот во паркот, со тоа што на неколку места ќе постават рампи. Сумата би била симболична, ќе се наплатува за посетители и за возила, но не и за жителите на населените места кои се дел од паркот.

„Обврска за плаќање влез во Маврово има и сега, 30 денари за посетител, но никој не плаќа. Сметаме дека треба да се искористи тој извор на финансирање за да се соберат средства за отворање нови пешачки и велосипедски патеки, за пошумување, одржување на животната средина, прихранучање на дивечот и други проекти“, вели Ајдини.

Пред две години Националниот парк „Галичица“ најави дека веќе нема да сече и продава огревно дрво заради обезбедување на финансиски средства. Со сопствени средства и со поддршка на Фондот за природа „Prespa Ohrid Nature Trust“ од Галичица тогаш најавија дека успеале да го одвојат финансирањето на своите клучни операции од директното искористување на шумските ресурси.

Министерката за животна средина Каја Шукова неодамна најави дека се разгледува и нова иницијатива за заштита и на Јабланица. Од Министерството велат дека годинава ќе објават конкурс за изработка за Студија за валоризација за природните вредности на подрачјето, што според Законот за природа, е првиот чекор за утврдување на реалната состојба и обезбедување на стручна основа за прогласување на заштитено подрачје, по што ќе можат да ја започнат постапката за заштита.