fbpx

На неколку дена пред фестивалот, откажано одржувањето на прилепскиот „Пивофест“

Организаторите на фестивалот велат дека навремено поднеле барања на 17 ноември лани и во април 2023 година до Општина Прилеп за организација и локација на фестивалот, но до денешен ден не добиле официјално известување од нив

-

Годинешното издание на прилепскиот фестивал „Пивофест“ нема да се одржи, соопштија организаторите на фестивалот на околу две недели пред терминот за негово одржување. Настанот секоја година се одржува кон средината на јули, а привлекува илјадници граѓани од целата земја.

Од Здружението Интернационален фестивал за пиво и скара „Пиво фест 2003“ од Прилеп соопштија дека овогодинешното издание се одлага за следната година, кога фестивалот ќе се одржува на нова локација, концепт и содржина на програмата.

„На состанокот одржан од Стопанската комора на Прилеп, Општина Прилеп и бизнис фелата донесена е одлука, „ПИВО ФЕСТ“ Прилеп 2023, дека нема да се поддржи и одржи. Додека пак советот на Општина Прилеп на седницата од 22.06. 2023 донесе одлука за доделување на локација за реализација на „ПИВО ФЕСТ“ 2023 Прилеп. Прашањето е за што се носи одлука за доделување на локација кога претходно Стопанската комора и бизнис секторот донеле одлука со намера да не се подржи и одржи фестивалот“, прашуваат организаторите во објавата на Фејсбук.

Тие додаваат дека општинската седница на советот е доцна одржана и одлуката за доделување на локација за организација и реализација на фестивалот е предоцна донесена. Организаторите на фестивалот навремено поднеле барања на 17 ноември лани и во април 2023 година до Општина Прилеп за организација и локација на фестивалот, но до денешен ден не добиле официјално известување.

„Со оглед на сите овие горе наведени причини, „ПИВО ФЕСТ“ Прилеп 2023 спречен е да се одржи“, се наведува во соопштението на организаторот, извинувајќи им се на граѓаните на Прилеп и на пошироката јавност.

Од Општина Прилеп излегоа со соопштение, во кое велат дека пристигнало само едно барање од Здружение, кое се пријавило како потенцијален организатор на фестивалот.

„Истото тоа здружение нема предвидено јасна финансиска конструкција ниту програма за реализација која што ќе гарантира професионална организација на настан од вакви размери. Би сакале да појасниме дека Општина Прилеп никогаш во минатото не била организатор туку само поддржувач на вакви манифестации што е случај и оваа година. Општина Прилеп и оваа 2023 година има предвидено да ја поддржи манифестацијата со 1 милион денари од Буџетот наменет за култура, кој што годинава изнесува 4 милиони денари“, стои во соопштението на Општина Прилеп.

Инаку, од прилепската локална самоуправа велат дека стојат на ставот оти манифестацијата треба да се одржи, бидејќи градот има културен, економски и туристички бенефит, но „недоволната поддршка за организација на годинешниот фестивал од повеќе фактори до овој момент“, влијаела на одлуката за одржување или за одложување на манифестацијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...