Пречистителните станици чистат фекалии, ама лани ги „набилдаа“ и сметките за струја на општините

Пречистителните станици лани се соочија со огромни тешкотии во работењето поради набавката на електрична енергија на слободниот пазар

Пречистителната станица за отпадни води во Прилеп; Извор на фотографија: Општина Прилеп

Помалку од половина македонските општини имаат изградено пречистителни станици за отпадни води (ПСОВ), а постоечките минатата година се соочија со огромни тешкотии во работењето поради набавката на електрична енергија на слободниот пазар. Јавните комунални претпријатија едвај успеаја да се справат со месечните сметки за струја, а владата дури кон крајот на годината одлучи нив да ги врати на регулираниот пазар за набавка на субвенционирана струја по цена од 95 евра за мегават час.

Една од најголемите и најстари пречистителни станици во земјава е онаа во Куманово, со која управува ЈП „Водовод“ од Куманово. Кумановската пречистителна станица во 2022 година успеала да прочисти 7.150.000 метри кубни вода, што е во рамки на повеќегодишниот просек за работењето на овој инфраструктурен објект.

Сепак, од ЈП „Водовод“-Куманово за Мета.мк велат дека најголем проблем во минатата година имале со покачувањето на цената на електричната енергија.

„ЈП „Водовод“ Куманово за 2022 година има вкупно потрошена електрична енергија во износ од 75.520.001,00 денари, од кои 30.415.196,00 денари се потрошени за функционирање на ПСОВ, додека за 2021 година има вкупно потрошена електрична енергија во износ од 18.049.689,00 денари, од кои 7.363.875,00 денари се потрошени за функционирање на ПСОВ“, велат од кумановското јавно претпријатие.

Ова практично значи дека сметките за струја на ова јавно претпријатие биле зголемени за повеќе од четири пати во период од една година, при што напојувањето за струја за кумановската пречистителна станица учествувало со околу 40 проценти од вкупните трошоци за струја што ги имало ЈП „Водовод“-Куманово во текот на 2022 година.

Од ЈП „Водовод“-Куманово појаснуваат дека во изминативе три години имаат потрошено сопствени финансиски средства во висина од речиси 10,2 милиони денари за сервисирање на главни фекални потопни пумпи, ситна решетка за механички отпад, пумпи за мил, електроопрема (високо напонски трафа, протокомери), површински аератори во биобазени и поситен дел електромашинска опрема.

И прилепската пречистителна станица, со која раководи ЈП „Водовод и канализација“-Прилеп, во 2022 година имала вкупно потрошена електрична енергија од над 1.270.944 киловат-часови според прикажаната состојба на броилото. Пречистителната станица за сопствени потреби успеала лани да произведе електрична енергија од 97.222 киловат-часови, но останатите количества на струја морала да ги набави од слободниот пазар до владината одлука за враќање на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар.

Прилепската пречистителна станица произведува електрична енергија од био гас, но засега ова се само мали количини од потребната електрична енергија за нејзино нормално функционирање. Слично на кумановскиот објект, и во случајот со Прилеп во 2022 година имало различни издатоци за нормално функционирање на инфраструктурниот објект што ги прочистува отпадните води од оваа општина.

Па така, лани била извршена набавка на нов акумулатор за потребите на когенераторот, извршена била јавна набавка за сервисирање на когенераторот и дизел агрегатот, распишана била набавка за сервисирање на компресорите за аерација, бил објавен и тендер за набавка на реагенси неопходни за работа на лабораторијата, а од документацијата што нѝ ја испрати ЈП „Водовод и канализација“-Прилеп можевме да се увериме дека имале и серија на други работни активности за одржување во функција на пречистителната станица.

За редовно функционирање на пречистителните станици за отпадни води во земјава, граѓаните и компаниите плаќаат преку месечните сметки за вода што ги добиваат од јавните претпријатија. Па така, во Прилеп ЈП „Водовод и канализација“ од корисниците наплаќа по 17,35 денари од кубик за услугата пречистување на отпадни води, додека ЈП „Водовод“ во Куманово наплаќа 10,81 денари од кубик во месечните сметки за услугата „пречистување на отпадни води“.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за Мета.мк информираат дека јавните комунални претпријатија, како давателите на водните услуги, согласно Законот за утврдување на цени на водни услуги, се обврзани еднаш годишно да доставуваат годишен извештај за нивното работење, при што токму РКЕВУ ги определува тарифите за пречистување на отпадните води.

Инаку, лани во неколку наврати од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ реагираа дека јавните комунални претпријатија се наоѓаат пред банкрот, поради тоа што мораше да набавуваат струја на слободен пазар. По неколкуте реакции од нивна страна, премиерот Димитар Ковачевски на почетокот од ноември 2022 година изјави дека водостопанските претпријатија ќе добиваат субвенционирана струја по цена од 95 евра за мегават час, која ќе биде наменета само за производствените погони, пумпите за довод на вода и пречистителните станици.

Се пречистуваат само третина од отпадните води 

Наспроти актуелните проблеми со кои се соочуваат пречистителните станици во нивното функционирање, последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 62 отсто од отпадните води што ги создале домаќинствата и компаниите во 2021 година завршиле како непречистени во реките, езерата и подземните води во земјава. Според овие податоци, само 38 отсто од создадените фекалии во 2021 година биле пречиститени во соодветни станици за нивен третман.

Податоците од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2021 година говорат дека само 18 од вкупно 80 македонски општини вршеле пречистување на отпадните води преку соодветни инфраструктурни објекти – станици. Меѓу општините кои ја пружаат услугата за пречистување на отпадните води се вклучени општините: Свети Николе, Берово, Кочани, Струга, Кичево, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Прилеп, Битола, Ресен, Куманово, Скопје, Македонски Брод, Дојран, Чучер Сандево, Карбинци, Чешиново-Облешево и Кривогаштани.

Над 60 отсто од фекалиите завршувааат непречистени во реките и езерата, се чекаат пречистителните станици [инфографик]

Сепак, во претстојниот период Македонија има обврска да ги заврши тендерските постапки за изградба на пречистителните станици во Скопје, Тетово и Битола. Скопската пречистителна станица е пред финалната фаза на избор на изведувач за нејзината изградба, тендерот за изградба на битолската пречистителна станица веќе е објавен, додека меѓународниот повик за избор на изведувач за пречистителната станица во Тетово треба да се објави во првото полугодие од годинава.

Битола и Тетово едвај чекаат да почне изградбата на пречистителните станици за отпадни води

Европската Комисија во последниот Извештај за реформскиот напредок на земјава за 2022 година, во поглавјето Животна средина и климатски промени, во однос на управување со квалитетот на водата, посочува дека усогласувањето со правото на ЕУ продолжува. Таму се нотира дека постигнат е ограничен напредок кон спроведување и применување на постоечкото законодавство за управување со води, додека Катастарот за површински води е во финална фаза на изготвување.

„Владата го вклучи воспоставувањето инфраструктура за собирање и третман на отпадни води како една од мерките за структурни реформи во Програмата за економски реформи за периодот 2022-2024 година. Брзината на изготвување и спроведување на останатите поголеми проекти останува предизвик“, се наведува во Извештајот на Европската Комисија во делот на управувањето со квалитетот на водите во земјава.

Инаку, македонските невладини организации веќе предупредија дека токму за спроведувањето на Директивата за урбани отпадни води на ЕУ ќе бидат потребни огромни финансии кои Македонија треба да ги инвестира, доколку сака да стане земја-членка на ЕУ. До 2042 година на земјава ќе ѝ бидат потребни дури 1,2 милијарди евра, со кои би се овозможило целото население да биде покриено со систем за третман на отпадните води. Ова беше споменато во делот на управувањето со квалитетот на водите на дводневната обука за следење на напредокот во спроведувањето на потпоглавјата од Поглавје 27 – Животна средина и клима, што се одржа во организација на Центарот за климатски промени во ноември минатата година.

Политиките за животна средина и клима високо целат, но малку се имплементираат