Во Велес се отвори петтиот EUROPE HOUSE во земјава

На вчерашниот настан на отворањето беа организирани дискусии, уметнички изложби и социјални собири

Извор на фотографија: Делегација на ЕУ во Скопје

Во Велес вчера беше отворен петтиот EUROPE HOUSE во нашата земја, со што се зајакнува мисијата на Делегацијата на Европската унија за поврзување на младите со Европската унија и вредностите што ги носи Унијата, информираат од Делегацијата на ЕУ.

„Надоврзувајќи се на инспиративните примери на EUROPE HOUSE Скопје, Струмица, Крива Паланка и Битола, отворањето на EUROPE HOUSE Велес означува ново поглавје во напорите на ЕУ да ги премости празнините и да поттикне значаен напредок во давањето на сè повеќе можности на младите од нашата земја“, соопштуваат од Делегацијата на ЕУ.

На вчерашниот настан на отворањето беа организирани дискусии, уметнички изложби и социјални собири. Денот почна со динамичен дијалог помеѓу млади поединци и средношколци, воден од младите европски амбасадори Иван Дургутов и Елица Матевска, кои ги вклучија учесниците во дискусија за европската перспектива и потребите на младите во Велес.

По ова, присутните биле почестени со културна обиколка низ Велес, со посета на почитуваната Спомен-куќа на Кочо Рацин. Уметничката живост на градот била претставена и со групната изложба на девет талентирани млади уметници од вардарскиот регион.

„Денот продолжи со настан за вмрежување, што доведе до размена на визии и идеи меѓу учесниците. Прославата заврши вечерта со настап на локалните уметници диџеј Попај и Д Чикс во знак на поддршка за локалните таленти“, велат од Делегацијата на ЕУ.