Од машини за селекција на отпад до вело-паркинзи: Младите со по 10 барања до шест општини

На повикот на „Гоу Грин“ пристигнале по околу 50 идеи за секоја општина од лица на возраст од 15 до 29 години

Извор: Гоу Грин

Младите лица од општините Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Прилеп, Куманово и Гостивар и годинава испорачаа по 10 барања за зелени општини, кои очекуваат да се реализираат во 2024 година. Здружението „Гоу Грин“ од Скопје трета година по ред од младите собира младински барања за зелени општини.

„Годинава по трет пат го отворивме повикот (прашалникот) за прибирање нови младински барања за зелени општини за 2024 година и беше отворен од јули до месец септември со кој собравме по околу 50-тина барања по општина“, објаснуваат од „Гоу Грин“.

На повикот од пристигнале идеи од лица на возраст од 15 до 29 години, а целта била преку него да се соберат што е можно повеќе предлози, кои на крајот ќе бидат испратени до градоначалниците на шесте општини.

„Бидејќи барањата треба успешно да бидат имплементирани, гледаме да се изберат најкорисните и најреалните кои понатака ќе придонесат за позелена општина“, велат од „Гоу Грин“.

Испратените барања биле селектирани според надлежностите што општините ги имаат, заедно со младинските претставници или младинските службеници за да може да биде што пореално реализирано наредната година.

Од Здружението јавно ги објавија младинските барања, додека истите беа доставени и до градоначалниците, службениците за млади и советниците во општината. Како и во претходните две години, во 2024 година ќе се следи нивната реализација заедно со младинските активисти.

Што бараат младите од градоначалниците во 2024 година?

Преку селекцијата се избрани разновидни идеи за зелени општини од младите. Па така, од Општина Аеродром се бара изведба на „vegetal canopy“ (зелени површини како настрешници) и служба што ќе спречува фрлање отпад пред трговскиот центар Бисер. Во делот на селекцијата на отпадот, од властите се бараат машини за поврат на средства за селектираниот отпад, организирање на еко-фестивал низ парковите, како и интерактивен еду-парк за деца и млади кај последната станица на 5-ка во Ново Лисиче.

Меѓу младинските барања во Општина Кисела Вода се и организирање на маалски second-hand базар, изведба на урбана градина, продолжување на велосипедската патека на улица Наум Охридски кон Пржино, како и организирање на настан „Пеш до училиште“ за сите ученици. Младите реагираат и на проблемот со отпадот, па така бараат од општината замена на искршените канти за отпад во паркот Шопен и нови канти за отпад на улицата Доситеј Обрадовиќ.

Младите од Чаир бараат еко-активности да се организираат во Старата чаршија, за каде што сметаат дека треба да се постават и велосипедски паркинзи. Во 2024 година од општината се бара изведба на џебно паркче во секое основно училиште, како и субвенции за поправка на велосипеди и додатоци за велосипеди.

Задолжителен велопаркинг за сите нови градби и изведба на велосипедски паркинзи пред јавните објекти се дел од барањата на младите од Општина Куманово. За наредната година тие сметаат дека во градот треба да се изработи урбан екомурал, како и да се организираат настани за размена на непотребни алишта и предмети од домаќинствата.

Меѓу 10-те барања од младите до Општина Гостивар се вклучени и кантите за селекција на отпад, општината да им подарува велосипеди на најдобрите ученици од средните и основните училишта, како и да се одбележи Денот на пролетта во 2024 година со садење и уредување на дворовите во сите училишта.

Конечно, и младите од Прилеп имаат барања за наредната година до општината. Тие бараат основање на кампања „На работа и училиште со велосипед“, да се даваат субвенции за велосипеди и велосипедска опрема за активните млади, како и да се уреди и заштити од загадување Прилепска река.

Младинските барања од годинава делумно реализирани

Годинешните барања од младите досега се исполнети 20-30 отсто од страна на општините. Од „Гоу Грин“ велат дека ова е добар процент, бидејќи со процесот за испорака на барањата од младите до локалните власти почнале пред две години.

Од Здружението велат дека шесте општини се отворени за комуникација и соработка во однос на младинските барања. Потврдуваат дека не е исто со сите општини, но и додаваат дека она што било побарано од младите потоа го следат дали навистина локалните власти ќе го реализираат.

„И меѓу овие со кои соработуваме постојат општини што се и што се помалку заинтересирани, точно. Разликата е во тоа што откако ќе си заминеме од кабинетот, канцеларијата во општината, од некои општини добиваме информации и не вклучуваат во реализација на некои од барањата, додека пак со други треба да иницираме ние контакт“, велат од „Гоу Грин“.

По ланскиот интерес, здружението „Гоу Грин“ по втор пат собира младински барања за зелени општини

Младите од шест општини избраа зелени проекти кои ги бараат од идните градоначалници