Дворовите на основните училишта во Гостивар во лоша состојба, учениците без услови за спортски активности

Дворовите на основните училишта во Гостивар се покриени со смет, лисја, неискосена трева, а често има и кучиња скитници. Спортските терени се уништени и без соодветни услови

ООУ „Гоце Делчев“ Гостивар / фото: Порталб.мк

Дворовите на основните училишта во Гостивар, каде што се наоѓаат спортските терени, не се во добра состојба и немаат соодветно одржување. Затоа, во некои од нив е тешко да се изведуваат спортски активности или часови по физичко образование. Порталб.мк ги посети основните училишта во кои може да се забележи несредената состојба на терен, а разговаравме и со учениците кои бараат подобри услови. Министерството за образование и наука одговорноста ја префрла на општината, која молчи за овој проблем.

Дворовите на основните училишта во Гостивар се покриени со смет, лисја, неискосена трева, а често има и кучиња скитници. Спортските терени се уништени и без соодветни услови.

Грди слики од училиштата

Го посетивме основното училиште „Гоце Делчев“ во градот. Ова училиште има голем, но неупотреблив двор, кој беше чист само во делот каде што одат учениците и наставниците. Од едната страна од дворот тревата беше искосена, а од другата беше неискосена, така што фудбалските голови едвај се гледаа бидејќи беа покриени од високата трева. Но, за да стигнеме до головите, прво требаше да поминеме низ училишниот отпад кој не беше во корпа, туку фрлен на земја, и кој бил таму долго време и ширеше лоша миризба. Одеднаш се појави и куче скитник. Тревата беше неодржувана од сите страни. Разликата помеѓу просторот пред и зад училиштето е драстична. Тоа го покажуваат и сликите од терен.

ОУ „Исмаил Ќемали“ има голем простор во дворот, но е во лоша состојба, со искршени столови, недоволно зеленило, без ѕид на влезот од дворот и со неодржувано спортско игралиште. Фудбалското игралиште беше покриено со бетон и опкружено со жица, неисцртано со бели линии или вештачка трева, додека головите беа со оштетени искинати мрежи, а просторот каде што треба да седи публиката беше само со бетонски скали, без седишта. Во кошаркарскиот простор, пак, имаше само скршен столб, без кош.

Снимки од фудбалските голови на ОУ „Исмаил Ќемали“ Гостивар / фото: Порталб.мк

Во ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“ нема спортско игралиште, нема дел за изведување спортски активности како трчање, фудбал или кошарка. Состојбата е вознемирувачка зад училишната зграда каде беше полно со отпад и неисчистени пасишта. За да одиме во останатиот дел од училиштето, моравме да се спуштиме по скалите од дворот, при што забележавме неисчистени скали полни со лисја и отпадоци како хартија од чипс, чоколади и хартија за бришење.

Во ОУ „Единство“ недостига училишен парк, како и катче каде учениците ќе можат да изведуваат спортски активности. Учениците го користат училишниот двор само за да поминат низ него за да влезат во нивните училници. А зад училишниот двор имаше мал зелен простор со мало столче фрлено од прозорец и придружено од катче за мали деца.

Слики од дворот на ОУ „Единство“ – Гостивар / фото: Порталб.мк

Учениците се жалат, бараат подобри услови

Учениците се жалат, сакаат простории со добри спортски услови и чисти терени.

Бард Османи, ученик во деветто одделение во ОУ „Гоце Делчев“, вели дека просторот зад училиштето е многу нечист и никогаш не поминуваат таму бидејќи мириса многу лошо од сите тие отпадоци.

„Би сакал дворот на нашето училиште да биде почист бидејќи имаме простор кој може да се користи и за разни спортски активности. Би сакал да има мал стадион со добри услови како што имаат во училиштето во селото Дебреше. Ја имаме спортската сала, но би било добро овие активности да се изведуваат и во училишниот двор. Јас сум деветто одделение и ќе го напуштам училиштето, но сакам идните генерации да имаат подобри услови во училишниот двор за да можат да го користат и за време на одморот и за изведување на активности“, рече Бард Османи.

Бујар Ќерими, друг ученик од истото училиште, рече дека сака училиштето да биде чисто не само на влезот од училишниот двор, туку и во сите негови делови.

„Не сум задоволен од училишниот двор. Потребно е чистење и одржување. Имаме простор, но само одреден дел е чист што можеме да го искористиме. Сакам да го одржувам предметот Физичко и здравствено образование во училишниот двор во текот на второто полугодие затоа што во исто време три или повеќе паралелки го одржуваат предметот внатре во салата и не само што нема доволно простор, туку е и жешко. Во нашето училиште има дел за да се игра фудбал со два гола, но условите не се соодветни за играње, трнливо е и има дел до кој се плашиме да се доближиме поради неискосената трева“, рече Бујар Ќерими.

Анида Јакупи, ученичка од училиштето „Исмаил Ќемали“ рече дека желба ѝ е училиштето да биде со зеленило, цвеќиња и хигиена.

„Верувам дека дворот е добар, но може да биде и подобар. Учениците ја загадуваат околината, а тие се виновни за тоа. Ги имаме сите услови во спортската сала, но би било добро да има и спортско игралиште во училишниот двор. Освен тоа, би сакала моето училиште да има што повеќе зеленило, базен, цвеќиња. Овде имаме место за одмор каде што најмногу седат родителите од пониските одделенија, додека клупите во предниот дел од дворот се искршени и оштетени“, рече Анида Јакупи.

Друг проблем се и кучињата скитници од кои се плашат учениците. Ученик од Училиштето „Исмаил Ќемали“ рече дека би било добро да се има обезбедување за да се заштитат од разни фактори, бидејќи често има кучиња кај делот каде што се наоѓаат пониските одделенија.

„Не сум задоволен од училиштето. Има можност да има подобри услови како што е спортски терен. Во нашите училишта се игра претежно фудбал и имаме дел за играње фудбал, но головите немаат мрежа, нема вештачка трева, но не е ни исцртано. Во село Дебреше спортскиот терен е совршен, ги исполнува сите услови. За време на часот по Физичко образование и едукација воопшто не го користиме дворот или овој дел што е за фудбал, повеќе ги користат ниските одделенија кои трчаат, играат со топка или цртаат“, рече ученикот.

Вработените во училиштата се произнесуваат

Поради уредувањето на коловозот пред училиштето „Исмаил Ќемали“, изгледот на училишниот двор донекаде не беше во ред, без дворна ограда, со искршени и оштетени клупи, како и со алати на мајсторите што работеа на улицата.

Порталб.мк разговараше со директорот на ова училиште, Хилми Гаши. Тој кажа дека имаат план за садење дрвја и борови, поставување нови столови и чистење на дворот.

„Иако имаме дел за спортско игралиште за фудбал, планираме да го уредиме и дворот за спортско игралиште, за што имаме донација од некои родители да го поставиме кошаркарскиот кош и да го обоиме. Зошто да не, во иднина и за фудбалското катче, бидејќи училиштето има потреба од нови голови, но верувам дека и тој дел ќе се среди во рок од две години“, рече Гаши.

И наставничката Арлинда Муслими Елези го истакна недостатокот на спортски терени во училиштето „Гоце Делчев“.

„Нас како училиште ни недостига спортски терен, иако имаме спортска сала. Бидејќи имаме доволно простор, мислам дека дефинитивно треба да имаме и спортски терен за фудбал, кошарка и одбојка, па дури и дел за пливање. Воедно сум и наставник по еколошко образование, често излегуваме со учениците во училишниот двор и ги прашувам учениците што сакаат, што би сакале да имаат во дворот и тоа го цртаат. Може да се изгради дел од дворот каде учениците ќе можат да јадат храна за да не јадат стоејќи, како и да се стават повеќе клупи и повеќе зеленило, цвеќиња и да има тротоари“, рече Муслими.

Таа нагласи дека спортските терени се потребни итно, бидејќи наставниците по физичко образование имаат проблем – во спортската сала во училиштето часови имаат повеќе од пет паралелки, па нема доволно простор.

МОН прстот го вперува кон Општина Гостивар

Во врска со овој проблем се обративме и до Министерството за образование и наука околу тоа дали имаат предвидено проект или план за средување на спортските терени во основните училишта во Гостивар. Од таму рекоа дека со процесот на децентрализација, основните и средните училишта се под надлежност на општините, а локалните самоуправи се одговорни за нивно управување и одржување.

„Министерството за образование и наука инвестира во изградба и реконструкција на училишни објекти, за што покренува иницијатива самата општина, која укажува на потребата од инвестиции. Секое барање што е доставено до МОН за реализација на која било капитална инвестиција внимателно се испитува и се донесува одлука, согласно приоритетот на потребите и расположливиот годишен буџет, каде и во кои училишта ќе се инвестира“, соопштија од МОН.

Општина Гостивар вети, но теренот зборува поинаку

На почетокот на учебната година, во септември, од општина Гостивар изјавија дека „инвестициите во предучилишното и училишното образование остануваат приоритет на општина Гостивар бидејќи инвестициите во образованието се инвестиции во иднината“.

Сепак, оваа заложба не се гледа во пракса во надворешните простории на основните училишта.

Во Општина Гостивар прашавме зошто училишните дворови се во ваква состојба и дали и кога имаат план да ги средат. Но, Општината не одговори на прашањата до објавувањето на овој текст.

Инаку, во Општина Гостивар има 31 основно училиште, од кои 5 се во градот, а 26 училишта се во селата.