На лицитација продадени два стана во Охрид и земјиште на Мијалков за 244.000 евра

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, во изјава за Мета.мк вели дека на електронското наддавање учествувале петнаесетина заинтересирани, но дека имињата на купувачите ќе се знаат откако ќе бидат впишани во катастарот

Фото: Архива на Мета

Агенцијата за управување со недвижен имот на лицитација ги продала двата стана во Охрид и градежното неизградено земјиште во Радња за 244.000 евра во сопственост на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, соопшти директорот на Агенцијата Дритон Небиу.

Овој имот на Мијалков му беше запленет за предметот „Империја“.

„Агенцијата успешно ја спроведе и реализира продажбата на вкупно три одземени недвижности согласно Јавниот оглас за продажба на одземен имот, која се спроведе по пат на електронско јавно наддавање. Имено станува збор за 3 недвижности кои согласно правосилната судска предуда КОК – ПП бр. 283/2022 се одземени од г-динот Сашо Мијалков. Реализираните парични средства од продажбата ќе го зголемат државниот буџет во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244.000 евра“, соопштија од Агенцијата.

Директорот Небиу во изјава за Мета.мк вели дека на електронското наддавање учествувале петнаесетина заинтересирани, но дека имињата на купувачите ќе се знаат откако ќе бидат впишани во катастарот.

„Нам ни е важно парите да легнат во буџетот и тоа се случи. Лицитацијата беше успешна, а откако сум јас дојден на функцијата, од март до сега, во буџетот се влеани еден милион евра“, вели Небиу.

Инаку, на распродажба беа ставени два стана во Охрид на Мијалков – едниот од 46 квадратни метри (плус 19 квадратни метри помошни простории) беше со почетна цена од 94.000 евра, додека другиот (58 квадратни метри и помошни простории од 56 квадратни метри) се продаваше за 146.000 евра. Станува збор за два стана во иста зграда.

На продажба беше ставено и градежно неизградено земјиште во Радња, кое исто така било во сопственост на Мијалков.

Поранешниот директор на УБК призна вина за предметот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството, по што државата му конфискуваше имот во вредност од 15.000.000 евра.