На 26 јуни квалификациско тестирање во „Панче Караѓозов“ и во средните уметнички училишта

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека на 26 јуни (понеделник) ќе се организира квалификациско тестирање во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје за прием на средношколци за образовните профили фармацевтски техничар на албански наставен јазик.

Исто така, на 26 јуни ќе се организира квалификациското тестирање и во средните училишта во кои се реализираат наставни планови и наставни програми за уметничко образование. Конечните ранг листи со резултатите за учениците кои ќе полагаат квалификационо тестирање ќе се објават на 26 јуни 2023 година.

Во првото пријавување, вкупно се пријавиле 16.007 ученици, при што вкупно се запишале 12.996 ученици во средните училишта низ земјава, и тоа 9.655 ученици за настава на македонски наставен јазик, 3 101 ученик за настава на албански наставен јазик, 234 ученици за настава на турски наставен јазик и 6 ученици за настава на српски наставен јазик.

Според видот на образованието, 4.606 ученици се запишале во гимназиско образование, додека 8.235 ученици се одлучиле да запишат стручно образование. Од скопските гимназии, конкурсот за запишување ученици е завршен во „Никола Карев“ и „Георги Димитров“.

Како што информираат од МОН, слободни места за второто пријавување има за вкупно 23.903 ученици, при што во гимназиското образование слободни се 5.438 места, додека во стручното образование има слободни 18.059 места за запишување.

Второто пријавување на учениците ќе се врши на 27 јуни до полноќ и на 29 јуни 2023 година до 10:00 часот. Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 29 јуни 2023 година на https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет
страната www.mon.gov.mk најдоцна до 13:00 часот.

Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 29 јуни од 15 до 19 часот и на 30 јуни од 07 до 19 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.

Конечната ранг листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објави на 1 јули 2023 година, најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.

Квалификациско тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 3 јули 2023 година, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 3 јули 2023 година, на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.