Молк од скопски „Водовод“ за загубите на вода за пиење кои достигнуваат 60 отсто

Бислимовски неодамна изјави дека на национално ниво загубите на вода за пиење се 60 отсто, што значи дека губиме непроценливо богатство поради отсуство на инвестиции

Полевањето зелени површини со вода за пиење е една од причините за големите загуби на вода за пиење во Скопје; Фото: Архива на Мета.мк

Нетранспарентен однос од скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“, кое повеќе од еден месец не сака да одговори на прашањата на Мета.мк во однос на тоа што преземаат за да се намали постојниот процент на загуби на вода за пиење во скопскиот водоводен систем. Процентот на неприходувана вода за пиење за 2022 година во Скопје останува непознат, бидејќи од јавното претпријатие не доставуваат одговори на оваа тема.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимовски на 1 март годинава зборуваше за месечните сметки на водата за пиење од скопскиот градски водовод и за доставеното барање од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемување на цената на водата, во просек, од 30 денари на сметките на месечно ниво. Тогаш Бислимовски рече дека на национално ниво загубите на вода за пиење се 60 отсто, што значи дека губиме непроценливо богатство поради отсуство на инвестиции.

Инаку, во 2021 година загубите на вода за пиење во водоводниот систем со кој стопанисува ЈП „Водовод и канализација“-Скопје изнесувале околу 60 отсто, што е исклучително негативен процент во однос на прифатливите загуби на вода од под 30 проценти кои ги посочува Меѓународната асоцијација на води.

Мета.мк во три наврати на 3, 8 и 28 март годинава испрати прашања до ЈП „Водовод и канализација“-Скопје за да добие информации колкав бил процентот на неприходувана вода во нивниот систем минатата година, но не добивме одговори на поставените прашања. Прашавме и кои активности ги презело скопското јавно претпријатие за да го намали процентот на неприходувана вода и кои зафати биле извршени во 2022 година за да се намалат физичките загуби на вода за пиење. Не добивме податоци ниту за зафатите кои планира да ги реализира ЈП „Водовод и канализација“ во текот на претстојнава година за да се намали процентот на неприходувана вода во скопскиот водоводен систем.

Инаку, Мета.мк веќе неколку години назад пишува дека процентот на неприходувана вода за пиење во Скопје на годишно ниво е над 60 отсто од вкупното количество на произведена вода. Проблемот со скопскиот водоводен систем е и тоа што е најголем во земјава, па така и најмногу метри кубни вода за пиење се произведуваат и дистрибуираат низ водоводните цевки, но и се губат во водоводните цевки.

Во рамките на процентот на неприходувана вода за пиење, покрај физичките губитоци на вода како последица на пукнатини на цевки и дотраеност на инфраструктурата, влегуваат и сите произведени, а нефактурирани количини кај легалната потрошувачка на вода за пиење, како што се: полевање на јавни површини, вода за фонтани, јавни тоалети во Скопје. Во процентот на неприходувана вода за пиење се вклучени и дивите приклучоци, но и неточноста на водомерите и грешките при ракување со податоците.

Загубите на вода за пиење во Скопје лани достигнале над 60 отсто [инфографик]

Годинава повик за доделување средства на општините за водоводни системи

Мета.мк веќе пишуваше за обезбедениот заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во висина од 50 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во земјава, но и за реализација на проектите за реконструкција и изградба на водоснабдителните системи и канализациите. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП) за Мета.мк информираа дека до крајот на 2023 година ќе се објави првиот повик за општините, на кој тие ќе можат да аплицираат за изградба на водоводни и канализациони системи.

„Во тек се подготвителни активности за формирање на организациона единица за спроведување на Проектот во рамки на МЖСПП. Се очекува почетниот состанок на одговорните лица од МЖСПП и ЕИБ да се одржи до крај на месец април, кога ќе се дефинира работниот план за спроведување на проектот. Согласно тоа ќе се утврди и рамката за објавување на повиците“, информираат за Мета.мк од ова министерство.

Тие додаваат дека заемот ќе се реализира во период од четири години, во насока за изградба на нови и подобрување на постојните системи за снабдување со вода за пиење и на системите за собирање, одведување и третирање на отпадните води во сите населени места.

Во однос на тоа дали општините кои имаат најголем процент на загуби на вода за пиење би имале приоритет во добивањето средства од овој заем, од Министерството за животна средина велат дека во тек е утврдувањето на методологијата за распределба на средства за реализација на проектот, и во согласност со оваа методологија ќе се утврдат и приоритетите за финансирање на проекти.

Од Европската инвестициска банка веќе информираа дека нивниот проект ќе донесе придобивки за околу 700.000 луѓе од земјава, а на заемот ќе може да конкурираат сите општини.

Мета факт: Добиен заем од 50 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето