fbpx

Мета факт: Добиен заем од 50 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето

-

Владата во својата Програма за работа за периодот од 2022 до 2024 година има ветено дека ќе се обезбеди заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во висина од 50 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во земјава. Овие средства од страна на македонската влада беа обезбедени кон крајот на 2022 година од ЕИБ, но реализацијата на проектите за реконструкција и изградба на водоснабдителните системи и канализациите допрва треба да се изведува. Ова владино ветување е во тек на реализација.

„Ќе се обезбеди заем од ЕИБ во висина од 50 милиони евра за системи за водоснабдување и канализација“, стои во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година. 

Потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова, на 23 ноември 2022 година беше во посета на земјава, при што со амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, со министерот за финансии Фатмир Бесими и тогашниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини ги потпишаа договорите за реализација на заемот од ЕИБ во висина од 50 милиони евра.

Како што информираа од Европската инвестициска банка, проектот ќе донесе придобивки за околу 700.000 луѓе од Северна Македонија, при што средствата ќе бидат наменети за подобрување на покриеноста, квалитетот и климатската отпорност на услугите за водоснабдување и санитарните услуги, за реализација на проекти за заштита од поплави, како и за управување со отпадните води.

За средства од овој заем, ќе може да конкурираат сите општини од земјава, при што средствата ќе треба да ги искористат проекти за модернизација и изградба на инфраструктура за водоводна и отпадна вода, дистрибутивни и колекторски мрежи, како и итни мерки за заштита од поплави. Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија ќе ја спроведе програмата за општински инвестиции во вода со техничка поддршка од ЕИБ во износ од 1,2 милиони евра.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека преку кредитот се создава можност да се опфатат и малите општини во земјава, а ќе биде отворена и проектна канцеларија за имплементација на проектот и ќе се изработи методологија за аплицирање за општините.

Најновиот заем од Европската инвестициска банка е втора фаза на проектот за подобрување на водоснабдувањето и за одведување на отпадните води, откако во првичната фаза во 2010 година беа обезбедени 50 милиони евра кои се распределуваа до општините преку Министерството за транспорт и врски. ЕИБ и тогаш беше заемодавач на средствата.

„Оваа нова инвестиција ќе ѝ помогне на Северна Македонија да обезбеди одржливо управување со своите водни ресурси, особено преку развој и подобрување на системите за собирање и третман на отпадни води, снабдување со вода за пиење и функционирање на канализационата мрежа, како важна еколошка инфраструктура“, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир на 23 ноември 2022 година по потпишувањето на договорите за заем.

Дополнително, инвестицијата е поддржана од Европскиот фонд за одржлив развој плус (EFSD+), кој е дел од финансиската рамка на ЕУ за земјите партнери за поддршка на јавната и приватната инфраструктура.

Поранешниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на 30 јануари годинава, на годишната владина конференција „Година на нови можности“ изјави дека со заемот во висина од 50 милиони евра од Европската Инвестициона Банка (ЕИБ) ќе се обезбеди помош не само за големите, туку и за најмалите општини за изградба на водоводни мрежи, одведување и прочистување на отпадни води. Сепак, од ова надлежно министерство треба допрва да ги објават повиците за доставување на проекти од општините, преку кои ќе може да се искористат средствата.

Врз основа на горенаведеното, можеме да заклучиме дека во тек е реализацијата на ветувањето од владината програма за работа за обезбедување на заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во висина од 50 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во земјава.

 

ИЗВОРИ

Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, проверено на 7.3.2023 година;

Веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (30.1.2023 година): НУРЕДИНИ: 2023 година ќе биде година на можности за животната средина, проверено на 7.3.2023 година;

Мета.мк (23.11.2022 година): Со 50 милиони евра, ќе се подобрува водоснабдувањето во сите општини низ земјава, проверено на 7.3.2023 година;

Мета.мк (8.1.2023 година): Огромни разлики во загубите на вода кај општините, заемот од ЕИБ треба да се искористи паметно [инфографик], проверено на 7.3.2023 година;

Макфакс (14.7.2010 година): Проект од 50 милиони евра за водоснабдување, проверено на 7.3.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...