МОФ организираше натпревар за најдобар средношколски бизнис план

Извор на фотографија: МОФ

Во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ), a со поддршка од Американската амбасада во Северна Македонија, денеска беше организиран натпреварот во бизнис планови “YES TEAM FOR THE WIN!”, информираат од МОФ.

Станува збор за средношколски натпревар, во кој пет младински тимови ги презентираа своите бизнис-идеи пред жири комисијата, борејќи се за главните награди на овој натпревар. Во жири комисијата на овој натпревар членуваа: Олга Рајчиќ, Горјан Јовановски и Виктор Стојкоски.

На настанот се обрати и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров, кој со присутните сподели колку е важно младите да се поддржуваат во остварување на нивните идеи и ги охрабри младите и натпреварувачите да продолжат да учат и да се надградуваат.

Тимовите со најдобрите бизнис планови на натпреварот “YES TEAM FOR THE WIN!” ќе бидат наградени, со цел да продолжат да работат на своите идеи за во иднина да ги реализираат. Преку оваа активност, младите ќе добијат поттик да ги развиваат и користат своите вештини и преку надоградувањето на истите да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

МОФ го спроведува проектот Младински претприемачки вештини, којшто има за цел да ја пополни празнината што ја остави формалното образование за практични вештини и применливо знаење, додека се бори против една од клучните причини за иселување на младите – невработеноста.

Проектот има за цел да обезбеди неформално образование на средношколци од областа на претприемништвото и да ја пополни празнината што ја остава формалното образование за практични вештини и применливо знаење кај средношколците.