Младите со огромен интерес да создаваат развој во општините каде живеат

Извор на визуелизација: Гоу Грин

Еколошкото здружение „Гоу Грин“ и годинава успеа да го привлече интересот на над 400 млади луѓе кои ги дадоа своите идеи и прелози за зелени општини. Младите имаат интерес да се вклучат во развојот на општините каде што живеат, а локалните самоуправи се должни да им обезбедат простор да се искажат и финансии за да се реализираат младинските барања, велат од „Гоу Грин“.

Во септември и октомври годинава беше спроведен прашалникот Мој предлог за зелена општина, кој опфати четири општини во земјава – Аеродром, Кисела Вода, Чаир и Куманово. Над 400 млади преку него дадоа конкретни предлози и решенија за зелен развој на нивните општини.

Откога се прибраа младинските барања, самите млади извршија селекција на пристигнатите предлози и решенија.

„Најпрво младите направија општа селекција – дали е конкретно барање или пак генерално (на пр. повеќе зеленило без да се наведе каде), а потоа се направи селекција според тоа дали тие се во надлежност на општината. Заедно со тимот и со општините ги филтриравме и избравме оние кои имаат најмногу шанси за реализација во идната година. Беа избрани околу 10 младински барања по секоја општина и истите им се доставија на градоначалниците“, вели за Порталб.мк Арта Ќерими, програмска асистентка во „Гоу Грин“.

Претседателката на здружението „Гоу Грин“, Мила Јовановска за Мета.мк објаснува дека со четирите општини ќе работат до истекот на мандатот на градоначалниците.

„Тоа значи редовни состаноци со кабинет на градоначалник, младинските службеници од општината, локалниот младински совет како и други лица кои се засегнати. Со нив разговараме за ланските но и овогодинешните барања, заеднички да се стават во агендата на општината и да бидат дел од тековните планови“, нѝ изјави Јовановска.

Таа додава дека концептот по кој се избираат младинските барања за зелени општини сакаат да го прошират и во другите општини низ земјава, односно да почнат да влијаат и кај младите и кај општините за заеднички да се работи на зелени решенија во општините.

„Паралелно, го јакнеме граѓанското учество кај младите, односно ги учиме како работат институциите и кои се начините на кои тие може да се вклучат во работата на општината. Од друга страна, ги навикнуваме „старите“ од општините дека треба да ги слушаат младите“, вели претседателката на „Гоу Грин“.

Таа потенцира дека процесот што го водат е препознаен и се задоволни од тоа, особено што за него ја добија и наградата за младинско учество 2022 од Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Мила Јовановска порачува дека има многу простор за подобрување на општините, особено на оние кои немаат формирано локален младински совет. Кога ќе биде активен ваквиот совет, тогаш граѓанските организации треба да се повлечат и младите директно да соработуваат со локалниот младински совет при спроведувањето на зелените прашања во општината.

Ангела Зимбакова од Општина Аеродром е една од активните млади кои се одлучија да поднесат свое барање за зелена општина, која влезе во финалната фаза на селекција. Таа бара да се вклучат екоработилници во соработка со училиштата за климатски промени, екоактивизам и отпад кои се потребни за младите да имаат повеќе едукација на овие теми и да развијат свест во каква околина живеат.

„Климатските промени не се тема која што е доволно опфатена во содржините на образовните програми, па токму тоа ме мотивираше да го напишам барањето. Сметам дека доколку на креативен начин им се доловат овие теми на младите генерации, ќе поттикнеме барем малку свест за нивната околина и сите тие навики коишто треба да ги имаме и применуваме“, вели за Мета.мк Ангела Зимбакова.

Младата активистка верува во остварувањето на зелените проекти поради фактот што општината има заинтересираност, додека остварувањето на овие барања одат во корист на секој поединец.

Фатон Ќерими од Општина Чаир е уште еден млад човек којшто поднел свое барање за зелен развој на неговата општина. Фатон бара велосипедска патека во Топанско поле, но и на други улици во општината кои се неизбежни патеки на движење. Тој за Порталб.мк вели дека Скопје е во голем раст, се гради и сообраќајот станува ужасен.

„Мене секој ден ми се појавува потреба да користам велосипед или електричен тротинет, кои би требало да ми овозможат брзо движење низ градот, и секако дека тоа треба да се одвива на безбедно ниво“, појаснува Фатон Ќерими за причината поради која се одлучил да го предложи овој зелен проект.

Фатон додава дека општините како институции со вработени лица се соочуваат со истите проблеми како и ние, самите жители. Постигната е свест од нивна страна дека овие патеки се клучни за град којшто е лесно пристапен за граѓаните.

„Иако неколку улици се под градска надлежност и одговорност, има улици во општината кои не се, и таа намера на општината очекувам да ја остваруваат на останатите најфреквентни улици на густото градско ткиво“, го објаснува Фатон Ќерими барањето кое очекува Општина Чаир да го исполни во 2023 година.

Кои се младинските барања во четирите општини?

Во Општина Аеродром собрани се 11 младински барања за зелена општина, меѓу кои се и нови паркови во Стар Аеродром и кај ПСС и еко работилници во училиштата за климатски промени, екоактивизам и отпад.

Во Општина Чаир има 12 младински барања за зелена општина, вклучувајќи и велосипедски патеки во населбата Топанско Поле, урбани градини во училиштата и засадување на дрвја со имиња на деца од различни населби.

Во Кисела Вода младите од општината имаат девет барања што би се реализирале догодина. Некои од нив се изведба на општинска компостара за органски отпад од лисја и парк во Пржино.

Младите од Куманово упатија десет барања до општината, а меѓу нив се и барањето за субвенции за поправка на велосипеди и за акција – садник за секое домаќинство во градот.

Инаку, годинешниот проект на „Гоу Грин“ со избраните четири општини следи откако лани пред одржувањето на локалните избори, младите од шест општини низ земјава ги избраа зелените проекти кои побараа да се реализираат од идните градоначалници, што значи дека „Гоу Грин“ по втор пат организира активирање на младите за зелен развој на македонските општини.

Младите од шест општини избраа зелени проекти кои ги бараат од идните градоначалници