„Младите против насилство“ за општество отпорно на радикални наративи и говор на омраза

Фото: Chapter 4

Обезбедување подобри услови за живот и развој на младите, креирање стабилно општество отпорно на радикални наративи и говор на омраза, како и промоција на позитивните вредности за изградба на психофизички здрава младина, беше повод за потпишување Меморандум за реализација на заеднички активности во рамки на проектот „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација – Младите против насилство“.

Платформата која ќе биде предводена од граѓански организации за граѓанско образование на млади ќе има за цел да обезбеди, презентира и да споделува позитивни алтернативи и контра-наративи против радикализација на младите, преку нудење на едукација за генерирање на идеи за развој на заедницата, социо-економски активности и мултикултурна соработка.

Улогата на Платформата е да работи со млади и граѓански организации и да ги зајакнува нивните капацитети во насока на градење мир, соживот и толеранција.

Меморандумот го потпишаа проектните партнери Здружение на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), НЕКСУС – Граѓански концепт, Здружение за развој и активизам АКВА, Струга и Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД), Куманово и градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, како и директорите на средните училишта „Ибрахим Темо“ и „Нико Нестор“.

Струга е препознатлива по соживот, град каде се почитуваат различностите и се негуваат. Како Општина заедно со училиштата во континуитет работиме на мултикултурализмот. Ваквите проекти се надополнување на нашата работа и секогаш се добредојдени. Чест ми е што соработуваме со невладиниот сектор и секој со својата улога ќе се стремиме нашиот град да биде симбол на толеранција, почитување и прифаќање на различностите и културите“, рече градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

За Валерија Соколова – Стојановска, проектен директор на „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“, проектот е насочен кон градење психо-физичка здрава младина отпорна на радикални идеологии.

„Приоритет во рамки на проектот се позитивни вредности, меѓукултурна соработка и социо-економски активности за развој на заедницата. За остварување на целите и резултатите на проектот, потребна е и институционална поддршка во процесот на превенција. Поддршката од општините, училиштата и другите релевантни институции е клучна во процесот на превенција од радикализација и обезбедувањето услови за раст и развој на младите во заедницата во која живеат и дејствуваат“, изјави Валерија Соколова – Стојановска, проектен директор на „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација (Младите против насилство).

Проектот „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“ е финансиран од Европската Унија.