На Клиниката за хематологија, млада докторка донирала матични клетки на пациент кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест. Трансплантацијата на матичните клетки била единствената терапевтска опција.
„На Клиниката за хематологија се реализираше значаен чин на храбост и човекољубие, кога млад лекар донираше хематопоетски матични клетки со кој спасува живот на пациент кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест“, рече министерот за здравство Фатмир Меџити, кој денеска ја посети младата докторка-донор.
Тој ѝ се заблагодарил за храброста и несебична посветеност да спаси туѓ живот.
„Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж, потсетувајќи нè на моќта на заедницата кога тоа е најпотребно. Им честитам и на колегите од Клиниката за хематологија кои ја практикуваат оваа современа метода во медицината со која еден човек има шанса за нов почеток“, изјави Меџити.