fbpx

Македонија на добар пат да стане прва држава во Европа што го искоренила бездржавјанството

Министерот Бујар Османи ја отвори ОБСЕ – УНХЦР Регионалната конференција за спречување на бездржавјанство во Југоисточна Европа што се одржува во Скопје, со тврдење дека постои цврста основа до крајот на годината да станеме првата земја во Европа која ќе го искорени бездржавјанството

-

Законските измени што државата ги направи во изминатиот период, особено годинава, претставуваат цврста основа до крајот на годината да станеме првата земја во Европа која ќе го искорени бездржавјанството.

Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој ја отвори Регионалната конференција за спречување на бездржавјанство во Југоисточна Европа што се одржува во Скопје, организирана од Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства (ВКНМ) и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), под покровителство на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

За да ги исполнат своите заложби, националните власти и претставниците на граѓанското општество од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија ги сумираа достигнувањата во регионот. Тие, исто така, идентификуваа активности за промовирање на соодветен пристап до граѓанска документација – основно човеково право за секого.

Во своето обраќање, Османи се осврна на примерот на Северна Македонија и како законски е регулиран процесот за решавање на случаите на бездржавјанство.

„Во 2020 година, донесовме нов Закон за нерегистрирани поединци во Матичната книга на родени со цел да овозможиме полесно остварување на општествено-економските права и пристап до јавните сервиси на сите лица кои, поради статусот на апатрид, претходно биле маргинализирани. Во јуни 2023 година, по опсежни консултации со сите релевантни агенции, усвоивме измени на Законот за матичните книги со кои создадовме рамка за системско решение и спречување на нови случаи на нерегистрирани лица“, потенцираше Османи.

Османи истакна дека инклузивноста, недискриминацијата и заштитата на правата на секој поединец се срж на вредностите на ОБСЕ и приоритет во работата како актуелни претседавачи со ОБСЕ.

„Статусот бездржавјанство не смее да значи автоматско лишување од елементарните човекови права. Никој не заслужува да биде спречен да ги остварува своите човекови права. Ниту еден човек, со или без националност, не ја заслужува оваа судбина. За жал, лицата без државјанство се соочуваат со низа ограничувања во однос на нивните општествено-економски права и слободата на движење, континуирано ставувајќи од прогон што е целосно спротивно на основните принципи на хуманизам и елементарна човечност“, рече Османи.

За справување со овој проблем, додава Османи, потребен е зголемен ангажман на сите држави, меѓусебна соработка на институциите и поголема сензитивност во однос на проблемот.

„Видовме значителни чекори, но сè уште не сме надвор од проблемот. Потребна е континуирана политичка волја за исполнување на преземените обврски за спречување и решавање на бездржавјанството. Решенијата се лесни и на дофат – зашто бездржавјанството може да се реши само со еден потег на пенкалото – доколку владите се подготвени да преземат акција“, изјави помошник Високата комесарка за заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс.

Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдрахманов, рече дека со работа на спречување и справување со бездржавјанството кај националните малцинства, земјите-учеснички на ОБСЕ не само што ги поддржуваат принципите на еднаквост и правда, туку придонесуваат и за долгорочен мир, стабилност и социјална кохезија.

„Затоа е важно сите ние колективно да работиме кон тоа на националните малцинства во регионот на ОБСЕ, а овде особено зборувајќи за Југоисточна Европа, да им обезбедиме пристап до државјанство. Ова ќе ги зајакне нашите напори за промовирање на инклузивни општества и ќе поттикне заедничко чувство за припадност“, нагласи Абдрахманов.

„Луѓето без државјанство често остануваат невидливи во нашите општества и не можат да го уживаат целиот спектар на нивните човекови права. Правото на државјанство е втемелено во Универзалната декларација за човекови права и секоја земја на ОБСЕ се обврза да го обезбеди ова право. ОДИХР ќе продолжи да ги поддржува земјите ширум регионот на ОБСЕ во нивните напори за спречување и ставање крај на бездржавјанството“, нагласи Матео Мекачи, директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права.

„Во Северна Македонија е постигнат значителен напредок. Земјата го забрза процесот на регистрација, покажувајќи дека кога сите релевантни чинители, вклучително и Министерството за правда, МВР, Собранието, Министерството за труд и социјална политика, нашата Мисија и УНХЦР соработуваат, неверојатното станува остварливо“, изјави амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Од успехот на Северна Македонија може да се извлечат неколку добри практики, кои се надевам ќе ги инспирираат другите“, додаде тој.

Кон почетокот на месецов Собранието ги донесе измените на Законот за престојувалиште и живеалиште и на Законот за лична карта, кои беа последниот нужен чекор за решавање на бездржавјанството. Претходно, измени претрпеа и законите за државјанство и за матична евиденција.

Во земјава имаше 700 лица кои не беа евидентирани во системот, а со тоа немаа ниту можност да имаат здравствено осигурување, трансакциски сметки и право на вработување, односно немаа можност да бидат пријавени.

„Со тоа се пројави потреба и за интервенција во одредени одредби во законите за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и за личната карта за да се заокружи процесот на решавање на проблемот со бездржавјанството, така што ќе се стави крај на бездржавјанството во Република Северна Македонија и ќе се решат основните човекови права на околу 700 лица, колку што беа детектирани во нашата држава“, пишува на веб-страницата на Собранието.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ВМРО-ДПМНЕ: Заканите на ДУИ за дестабилизација нема да нè поколебаат

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение жестоко ги отфрла обвинувањата и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. „Македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја...