Основното јавно обвинителство Скопје потврди дека води постапка против повеќе лица осомничени за незаконско приватизирање на земјиште кое е сопственост на една општина.

Во соопштението на Обвинителството не е наведен идентитетот на осомничените лица ниту, пак, името на општината, но извесно е дека станува збор за поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како еден од осомничените лица.

Според Обвинителството, осомничените незаконски спровеле постапка за легализација на три објекти и приватизација на општинското земјиште по цена од едно евро за еден квадратен метар, иако пазарната била значително повисока.

„На приватизацијата ѝ претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка, извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето. Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од едно евро за еден квадратен метар, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока“, стои во соопштението на ОЈО Скопје, во кое се додава дека за повеќе детали во врска со текот на постапката, навремено ќе ја информираат јавноста.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како што потврдија за „Мета“ извори од истрагата, утрово бил приведен од полицијата и, според неофицијални информации, однесен во една од полициските станици во Скопје.