Фото: Арбнора Мемети

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во предлог буџетот за 2021 година за финансирање на Македонската радио-телевизија (МРТ) предлага да се предвидат средства во висина од 1.172.737.280 денари (околу 19 милиони евра) што би се издвоиле од државниот буџет, информираат за „Мета.мк“ од МИОА. Сепак, од ова министерство посочуваат дека за финансирање на радиодифузната дејност за МРТ, Македонска радиодифузија (МРД) и Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), во предлог буџетот за догодина се предвидени 0,8 отсто од вкупниот износ на приходи остварени годинава во државниот буџет.

Ова е во спротивност со членот 45 од усвоените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде што стои дека почнувајќи од 2021 година за МРТ, МРД и АВМУ ќе се издвојуваат 1 отсто од вкупниот износ на приходи во буџетот остварени во годината која ѝ претходи на фискалната година за која се утврдува износот. Од МИОА немаат коментар за очекувањата на МРТ дека во 2021 година ќе ги добие предвидените средства од законското решение за догодина. Сепак, и во Законот за ААВМУ е наведен исклучок:

„Процентите од ставот (1) на овој член ќе се реализираат доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства и не влијаат врз средствата планирани за сите буџетски расходни ставки“, се наведува во продолжение на членот 45 од Законот за ААВМУ. 

Сепак, предлогот на МИОА за покривање на трошоците за создавање и емитување на програмите и за техничко-технолошкиот развој на МРТ за догодина е далеку поголем од средствата кои се предвидени во Предлог-годишната програма за работа на јавниот сервис за 2021 година. Имено, раководството на МРТ во овој документ ја навело сумата од околу 14,5 милиони евра на приходната страна, односно делот за финансирање на радиодифузната дејност планирало да биде во ист обем како и во тековната 2020 година и претходната 2019 година.

Второто клучно прашање за функционирањето на јавниот сервис е делот за состојбата со бројот и статусот на вработените во МРТ. МИОА во јуни годинава ја одобри новата систематизација на работните места во МРТ, а од раководството тогаш имаа надежи дека ова министерство ќе го одобри и Планот за вработување и прераспределување на вработените. Но, МИОА во одговор за „Мета.мк“ велат дека не го одобриле ваквиот План.

„Планот за вработување и распределба не е доставен во законскиот рок и поради тоа не е одобрен од страна на МИОА“, се вели во краткиот одговор на министерството во однос на ова прашање.

Всушност, одобрувањето на овој план треба да овозможи вработување на нови лица како стручен кадар во МРТ, но и унапредување на кариерите на сегашните вработени во јавниот сервис на повисоки позиции, во согласност со квалитетот на нивната работа.

Инаку, Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година, во поглавјето за слобода за изразување, нотираше дека реформата на МРТ се наоѓа во рана фаза и треба да му се даде приоритет на ова прашање.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.