Да се направи јавен фонд за поддршка на медиумите врз основа на објективни критериуми и со целосна независност, во согласност со постоечките европски стандарди, да се задржи строгата забрана за државно рекламирање во медиумите, да се става јасен воден печат на комуникациските материјали од Владата, за нивниот извор да ѝ биде јасен на јавноста, да се воведе законска регулатива против стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs), да се подобри одговорноста на политичарите и јавните службеници за непријателски изјави и однесување кон новинарите и медиумските работници… Тоа се само дел од препораките во Извештајот на мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите, што вчера беше презентиран во Скопје од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и други експерти.
Покрај Гутиерез, кој беше во Скопје, својот дел од извештајот преку онлајн обраќања го презентираа останатите експерти: Џејми Ваисман, Лоренс Хутинг и Масимо Морати.
Fact Finding мисијата имаше за цел ја испита слободата на медиумите во Северна Македонија. Како дел од истата беа претставници на пет меѓународни новинарски и медиумски здруженија кои одржаа работни состаноци со клучни институции во Македонија. Средби беа остварени со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собрание Талат Џафери, со директорите на АВМУ и МРТ, со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, со амбасадата на ЕУ и САД во Македонија и со група на новинари. Групата експерти беше во состав од: Рикардо Гутиерез – Европска федерација на новинари (EFJ) Албана Шала – Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) Џејми Ваисман – Меѓународен институт за медиуми (IPI) Лоренс Корнелис Хутинг – Европски центар за слободатa на печатот и медиумите (ECPMF) Масимо Морати – Osservatorio Balcani e Caucaso Transeurop изработи извештај за слободата на медиумите во Северна Македонија со наслов „Напредок на стаклени нозе – извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите“.
Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) Гутиерез на вчерашната презентација посочи дека иако има напредок во состојбата во медиумскиот простор, го истакна проблемот со политичарите, односно дека постои итна потреба тие да ја разберат улогата на новинарите и медиумите.
„Се сретнавме со сите релевантни чинители во општеството. Нашата мисија забележа подобрување на состојбата, но забележавме и недостаток на свесност кај самите политичари за улогата на новинарите и нивната позиција како чувари на демократијата. Медиумите и новинарите се гледаат како инструменти за политичката моќ и интересите на државната власт. Постои итна потреба политичарите да ја разберат улогата на новинарите и да го земат во предвид Здружението на новинарите на Македонија како основен партнер во спроведување на кои било медиумски политики во земјата“, порача Гутиерез.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето излагање на темата ги поздрави напорите на колегите во текот на целиот процес на скенирање на состојбата на медиумите во земјата, ја истакна потребата од системско решавање на проблемите со кои се соочуваат новинарите, како и дека слободата на говорот мора да има предност пред интересот на бизнисот и политиката за да се создаде поправедно општество.
Мисијата за проценка на состојбата утврди дека е постигнат напредок во последниве години, додека земјата и натаму закрепнува од сериозно нарушената слобода на медиумите во текот на претходната деценија. Меѓутоа, овој напредок може лесно да се урне и има уште многу работа за да се консолидираат сите придобивки и да се надминат системските предизвици. Што се однесува до безбедноста на новинарите, Северна Македонија останува релативно безбедна во споредба со другите земји во регионов, се посочува во соопштението од ЗНМ.