fbpx

Минск: Продолжуваат преговорите за украинската криза

-

Владимир Путин, Петро Порошенко, Ангела Меркел и Франсоа Оланд денеска, по кратка пауза, ги продолжија маратонските преговори за решавање на украинската криза.

Преговорите во Минск траат повеќе од 15 часа. Странските медиуми изутринава јавија дека состанокот е завршен, но германската канцеларка Ангела Меркел подоцна изјави дека станува збор за кратка пауза и преговарачите се вратија во салата.

За време на паузата, украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека сè уште нема добри вести.
Состанокот се одржува зад затворени врати и сè уште нема официјални детали.

Во документот, во кој имал увид новинар на „Ројтерс“, се наведува дека прекинот на огнот на истокот на Украина треба да стапи на сила на 14 февруари, во што е вклучено и повлекување на вооружувањето и создавање тампон-зона. „Ројтерс“ наведува дека тоа, можеби, не е официјалната верзија на договорот.

Како што јавува „Раша тудеј“, повикувајќи се на новинската агенцијата ТАСС, претставниците на бунтовниците одбиле да го потпишат нацрт-договорот за прекин на огнот.

Бунтовниците бараат украинската војска да се повлече до Дебаљцев.

Денис Пушелин, претставник на самопрогласената народна република Донецк, изјави дека украинскиот претседател Порошенко е погрешно информиран за ситуацијата во Дебаљцев, која е многу полоша отколку што му е пренесено.

Претставникот на министерството за надворешни работи на Украина, Евгениј Перебеинос, утринава изјави дека во Минск се водат тешки преговори за решавање на кризата во Украина.

– Разговорите се тешки, но постои надеж за успех – рече Перебеинос.

Поголем дел од мировниот договор е подготвен, но се преговара за уште 20 отсто од спогодбата, изјави неименуван извор за „РИА Новости“, додавајќи дека договорот нема да има повеќе од 10 точки.

Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија, ја напушти салата за преговори во Минск, околу седум часот изутрина, притоа одби да даде каков било коментар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руски беспилотни летала повредија 6 лица во украинските региони Харков и Днепар

Русија изврши напад со беспилотни летала во текот на ноќта врз украинските региони Харков и Днепро, при што беа повредени најмалку шест лица и беше погодена критична инфраструктура, комерцијални...