Министерот за финансии, Кирил Миноски, денеска изјави дека буџетот е ликвиден, а за исплата на земјоделските субвенции ќе се чека да се објави одлуката на Уставниот суд на официјалната веб-страница или во „Службен весник“.
– Треба да ја видиме одлуката и да видиме кога ќе биде објавена. Доколку не е спорна и ако не постои законска пречка, ќе може да се почне со исплата на субвенции – изјави Миноски, одговорајќи на новинарски прашања во Градски парк, на одбележување на Денот на финансиската едукација.
Тој изјави дека во моментов не постои потреба од ребаланс на буџетот, како и за издавање еврообврзница, бидејќи постои доволна ликвидност на домашниот пазар и наплатата на приходите е на соодветно ниво.