Министерство за култура: Договорот за Оф фест е навремено доставен, организаторите не го потпишаа

По објавата на организаторите на фестивалот Оф фест дека настанот се одложува единствено поради тоа што Министерството за култура не им е исплатило аванс, а договорот доцнел, од ова министерство реагираат со соопштение. Оттаму велат дека договорот е навремено доставен, но организаторите не го потпишале а поднеле и забелешки.

Од Министерството за култура соопштија дека имаат разбирање за сите потешкотии со кои се соочуваат корисниците на државна помош во услови на пандемија. Додаваат дека, исто како и минатата година, постои можност да им биде дозволено да се промени терминот за реализација на предвидениот проект.

Но, алудирајќи дека министерството нема улога во одложувањето на фестивалот, потенцираат дека договорот за финансирањето на Оф фест е навремено доставен до организаторот – Скопје џез-фестивал.

„И покрај тоа, апликантот не само што не го потпиша договорот туку поднесе и забелешки“, велат од Министерството за култура.

Тие додаваат дека Скопје џез-фестивал на еколку наврати е информиран за текот на постапката како и за тоа дека од непотпишан договор не произведува правно дејство.

“Оттаму, нејасно е неговото прозивање на Министерството за култура,“ се вели во реакцијата.

Инаку, годинешното јубилејно 20. издание на Oф фест нема да се одржи во планираните термини во јуни (2-6), информираа вчера организаторите на фестивалот.

„Единствена причина за одложувањето на веќе подготвената фестивалска програма е доцнењето на договорот и придружната документација (а со тоа и благовремената исплата на неопходниот аванс) од Министерството за култура“, посочија организаторите.

Тие велат дека ова е прв ваков случај во историјата на Oф фест, како и на постариот Скопски џез фестивал, на кој искрено се надеваме дека нема да му се случи нешто слично. Новите термини на Oф фест се 9-13 ноември 2021.

Организаторите велат дека фестивалот годинава со значително скратен буџет во најголем дел ќе ја зачува веќе подготвената програма: фестивалско отворање со концертот на модерниот фадо дует Lina_Raul Refree, колаборативен проект на португалската фадо дива Lina Rodrigues и популарниот шпански артист Raül Refree, еден од најбараните и најиновативните светски продуценти во моментов.

„Овој проект, кој лани кулминираше со албумот „Lina_Raül Refree“ (Glitterbeat), своевидна модерна посвета на музиката на големата фадо легенда Amália Rodrigues, беше оценет од критиката како еден од клучните настани на светската музичка сцена во 2020 година. Во рамките на првата фестивалска вечер на OFFest 2021, ќе биде прикажан и документарниот филм „The Art of Amália” посветен на кралицата на португалското фадо Amália Rodrigues,“ се вели во објавата на Фејсбук.