Фото: Арбнора Мемети

Ниту Извршниот комитет ниту било кој член на ВМРО-ДПМНЕ е дел од организацијата на ова самоорганизирање на народот кој што се случуваше во тој период, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по сведочењето за нападите кои се случија во Собранието на 27 април.

„Ова е очигледно дека станува збор за сериозен и жестоко монтиран политички процес. Политички процес кој што има единствена цел да нанесе штета на ВМРО -ДПМНЕ, политички процес кој што има за цел да врши политички терор врз активистите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ и политички процес од кој некој профитираше, а некој сериозно загуби. Јас ценам дека после 27 април сериозно загуби ВМРО-ДПМНЕ а веднаш после тие настани влада направи СДСМ и Зоран Заев. Можеби тој одговор на ова прашање ќе ви послужи да истражите и да иницирате кој го осмисли сето тоа, кој го спроведе и зошто се случи. Никако тој што загуби од тој процес не може да биде ниту испиратор, ниту сценарист ниту оперативно да го спроведе. Јас повеќе би се задржал на тоа кој профитираше и кој имаше бенефит од сето тоа. За жал, на грбот на граѓаните и на грбот на демократијата во нашата држава. После тој ден веќе ништо не е исто,“ рече Мицкоски.

Тој додаде дека се протестирало против погрешните политики во најава кои што тогаш беа актуелни во државата.

„Ценам дека на тој начин е демократско право на секој граѓанин во една демократска држава да изрази револт против определени политички девијантни однесувања на определени политички структури и политички партии, во случајот тоа беше СДСМ и сето она кое што во тој период СДСМ го најавуваше доколку е партија која што ќе ја формира владата,“ додава тој.