fbpx

Мицкоски невистинито тврди дека „лицата кои пукале во народот“ на протестите се вработени во МВР

-

Македонските медиуми го идентификуваа лицето, кое, на протестот организиран против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, беше вооружено, извади пиштол и испука неколку куршуми и внимателно го следеа развојот на настаните, па обидите на Мицкоски за пласирање дезинформации се сега насочени кон медиумите од другите држави. МВР апелира да не се изнесуваат лажни вести и дезинформации кои можат да доведат до забуна во јавноста, туку инсистира на точно, навремено и вистинито информирање, се вели меѓу другото во демантот на МВР, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за српска телевизија изјави оти лицата кои биле вооружени и пукале во народот за време на протестите на 6 јули, всушност, биле вработени во МВР, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

По инцидентите на 6 јули, на протестот организиран против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, кога на плоштадот Скендербег лицето Е.Ј. (40) извади пиштол и испука неколку куршуми, на утринската програма на српската телевизија „Прва“ телефонски се јави се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој даде свој осврт на она што се случувало на протестите дента, а изнесе и свои образложенија за причините за одржувањето на протестите.

Меѓу другото, Мицкоски изјави дека лицата кои биле вооружени и „пукале во народот“, всушност, се вработени во МВР. Оваа изјава не е точна.

Пред некој ден организираа инцидент, идентификувавме пет луѓе, вработени во МВР, тие пукаа во народот, народот буквално со голи раце отиде спрема пиштолите и тоа може да се види и од камерите и од фотографиите. Замислите кога народот со голи раце оди спрема пиштолите, до каде е дојдена работата, вели Мицкоски за српската телевизија „Прва“ во 8.27 минута од видеото.

[Извор:Јутјуб канал – ТВ Прва (8.27-9.51 мин.); Датум: 09.07.2022; минута 8.27-9.51]

Понатаму, во 9-та минута од видеото, Мицкоски продолжува и уште еднаш повторува дека „во народот пукале лица вработени во МВР“.

Има и луѓе уценети од МВР, да им се избришат сите тие пријави што ги имаат, за да провоцираат инциденти на протестите. А, веќе вториот ден ангажираа лица вработени во МВР да пукаат во народот, изјавува тој. 

Во 9.51 минута од изјавата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ третпат го повторува истото, додавајќи:

А, всушност, тоа се обични битанги кои ја штитат оваа Влада која нема никаков кредибилитет кај народот.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На петтите по ред протести против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, на 6 јули, а додека демонстрантите се движеа покрај трговскиот центар „Мавровка“ и плоштадот Скендербег, настана инцидент кога лица од албанска етничка припадност се судрија со дел од демонстрантите. На првите снимки кои се проширија во јавноста се гледаше дека некои од нив се вооружени, а еден испукува неколку куршуми. Подоцна, ова лице беше приведено. Во соопштението на МВР пишуваше:

Денеска (07.07.2022) СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка за кривично дело „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво по член 288 од Кривичниот законик против Е.Ј.(40) од Скопје. По преземени мерки и активности од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, тој беше лишен од слобода вчеравечер (06.07.2022) во 20.10 часот, бидејќи околу 19.40 часот, во текот на одржување на јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, за време на инцидент на плоштадот Скендербег на бул.„Гоце Делчев“, извадил пиштол “Walter P99”, кој го поседувал со дозвола и испукал во воздух. Предметниот пиштол му е одземен и вештачен, обезбедени се сите докази против него, за што во соработка со ОЈО Скопје лицето е изнесено пред Судија на претходна постапка.

На лицето кое пукаше за време на протестите, Основниот крививен суд му одреди осумдневен притвор.

Во меѓувреме, полициски службеници од Единицата за насилен криминал во полициска станица извршиле службен разговор и со С.Р. (34) од Скопје, кој бил идентификуван од страна на полицијата „како лице кое за време на инцидентот во близина на споменикот Скендербег држел пиштол во раката, но не го употребил“.

Пиштолот ќе биде предаден за вештачење, а за случајот е известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување, се вели во соопштението на МВР. 

Лицето кое пукаше за време на протестите, веднаш беше идентификувано во медиумите.  Станува збор за Цуфи Кока, активист на Алијанса за Албанците, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски таа вечер тврдеше дека сакал да го убие. Тој е брат на Зуди Енузи Кока, в.д. директор на „Комунална хигиена“, кого градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го разреши ноќта по инцидентот.

Таткото на Кока, Аљуш Кока, во интервју за „Еуроњуз Албанија“, изјави дека неговиот син бил принуден да пука со пиштол во воздух за да ги одбие, како што вели тој, „хулиганите“ кои почнале да го оштетуваат неговиот хотел, „Де Кока“. Оттаму, станува збор за лице сопственик на хотел, а не за лице вработено во МВР.

Во меѓувреме, и Министерството за внатрешни работи ги демантираше, како што пишува, „лагите кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе на српската телевизија Прва, дека уапсеното лице кое пукало со пиштол при инцидентот на плоштадот Скендербег било вработено во МВР“.

Македонските медиуми го идентификуваа лицето и внимателно го следеа развојот на настаните, па обидите на Мицковски за пласирање на лаги и дезинформации се сега насочени кон медиумите од другите држави. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира да не се изнесуваат лажни вести и дезинформации кои можат да доведат до забуна во јавноста, туку инсистира на точно, навремено и вистинито информирање, кое е и еден од приоритетите во работењето на ова министерство, се вели во полициското соопштение.  

Од погоре изнесеното, може да се заклучи дека изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски е невистинита, дотолку повеќе што МВР, а не партијата, се надлежни да ги идентификуваат лицата кои биле учесници во овие, или во било какви инциденти и сториле кривични дела. Сè уште нема информации дали уште кај некое лице од толпата било пронајдено огнено оружје, освен кај Кока и кај вториот пиштолџија, 34 годишниот С.Р., но претседателот на најголемата опозициска партија во својата изјава не нуди буквално ниту еден доказ за да го потврди своето тврдење дека „вработени во МВР пукале во народот“, изјава која сама по себе е исклучително сериозна и во ниту еден случај не смее да се дава паушално.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...