fbpx

Мета факт: Исполнето е ветувањето за зголемен субвенциониран студентски оброк, но системското решение ќе почека

Иако носењето на измените на законот и исплатата на субвенционираниот студентски оброк задоцни, најавата на министерот Шаќири дека износот на оваа мерка ќе се покачи на најмалку 140 денари ја оценуваме како исполнета

-

Ветувањето на министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека износот на субвенциониран студентски оброк ќе се зголеми на најмалку 140 денари дневно е исполнето, откако студентите од април почнаа да ја добиваат повисоката сума.

Истовремено, најавата дека од март ќе почне да се применува системското решение со кое студентите ќе купуваат субвенциониран оброк директно од давателите на услугата, не е реализирана, односно Министерството за образование и наука (МОН) соопшти, а и од измените на Законот за субвенциониран оброк може да се види дека системското решение ќе почне да се применува од стартот на следната академска година – од септември. Оттука, реализацијата на ветувањата поврзани со мерката субвенциониран студентски оброк ја оценуваме како делумно исполнета.

На 14 ноември 2022 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири даде изјава во која најави изнаоѓање на решение за проблемите на студентите поврзани со субвенционираниот студентски оброк. Ваквата изјава Шаќири ја даде по средбата со претставници на повеќе студентски организации и универзитетски собранија, на која присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски. Средбата пак, следуваше по гласните студентски реакции и кратките протести, откако се појави предлог-закон кој предвидуваше построги критериуми за студентите да можат да земаат субвенциониран студентски оброк во академската 2022/2023 година.

Критериумите кои наидоа на негодување меѓу студентите се повлекоа и продолжија да важат условите што студентите требаше да ги исполнуваат и претходната академска година.

Шаќири тогаш рече дека од март годинава треба да почне да се применува системското решение, според кое студентите ќе имаат на располагање по еден оброк на дневно ниво, а ќе можат да го купуваат кај регистрирани даватели на услуги преку специјализирани картички или мобилен телефон. Тој додаде и оти со примената на системското решение се предвидува и зголемување на износот на субвенционираниот оброк, на најмалку 140 денари.

„Значи, предлог-законот ќе биде во временски период од шест месеци, што значи ретроактивно од 15 септември и ќе продолжи до март и дотогаш ние ќе имаме временски рок на усогласување за новото системско решение кое ќе значи дека студентите ќе добиваат здрав студентски оброк и ќе се реализира исплатата на дневна основа. Во овој период се договоривме ретроактивно за вредноста што беше досега, со измените од 2021 година, а во наредниот период со системското решение ќе биде повисока сумата за студентскиот оброк. Значи од март ќе биде повисока и тоа почнувајќи од 140 денари или според тоа какви ќе ни бидат анализите до тој период“, рече министерот Шаќири на 14 ноември по средбата со студентите на која присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, а изјавата ја пренесоа повеќе медиуми.

Како што најави Шаќири, со предлог-закон студентите продолжија да го добиваат износот за субвенциониран студентски оброк на месечно ниво на своите трансакциски сметки, а сумата заклучно со март годинава изнесуваше 120 денари дневно.

На 26 април годинава, пак, собраниските пратеници изгласаа нови измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, со што овозможија да продолжи исплатата на средствата за студентите по оваа основа. Согласно измените, субвенцијата за оброк од април изнесува 140 денари дневно, наместо дотогашните 120 денари.

На 11 мај студентите на своите сметки ги добија средствата за субвенциониран оброк за април со пресметка согласно зголемениот износ од 140 денари, односно им беа исплатени вкупно 2.520 денари.

Иако носењето на измените на законот и исплатата на субвенционираниот студентски оброк задоцнија, најавата на Шаќири дека износот на оваа мерка ќе се покачи на најмалку 140 денари ја оценуваме како исполнета.

Меѓутоа, нереализирана е изјавата дека до март ќе се изнајде начин за примена на системското решение.

Имено, системското решение предвидува студентите преку дигитални картички да купуваат субвенциониран оброк кај регистрирани даватели. МОН треба да избере банка која ќе биде носител на платниот промет преку кој ќе се плаќа субвенционираниот студентски оброк и која ќе ги изработи дигиталните картички со кои студентите ќе може да купуваат оброци кај угостителите.

Така, во изменетиот Закон за субвенциониран студентски оброк пишува:

„Членот 5 се менува и гласи: „(1) Субвенционирањето на студентски оброк се врши во точно утврдени периоди од годината и месецот и во точно утврдено време од денот, кај давател на субвенциониран студентски оброк од регистарот на даватели од член 3-а став (6) од овој закон. (2) Плаќањето на услугата кај давател на субвенциониран студентски оброк од ставот (1) на овој член, корисникот го врши преку дигитална картичка или мобилен телефон. (3) Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. (4) Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во периодот од ставот (3) на овој член, не го искористи правото на субвенционирање на студентски оброк, износот од субвенциониран студентски оброк не му се префрла во наредниот ден. (5) Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање“.

Меѓутоа, системското решение ќе почне да се применува со почетокот на академската 2023/2024 година. Односно, во Член 11 од Законот стои:

„Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 септември 2023 година“.

Според ова, оценуваме дека е исполнето кажаното во изјавата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека субвенционираниот студентски оброк од март ќе биде зголемен на најмалку 140 денари дневно. Како неисполнета, пак, ја оценуваме најавата дека ќе почне да се применува системското решение.

 

ИЗВОРИ:

Мета.мк (14.11.2022 година): Студентите и државата постигнаа договор околу субвенционираниот обро, проверено на 23.5.2023 година

Независен.мк (14.11.2022 година): Шаќири: Студентскиот оброк до март ќе се исплаќа по старо, проверено на 23.5.2023 година

Собрание на Република Северна Македонија, Усвоени измени и дополнувања на Законот за субвенциониран студентски оброк, проверено на 23.5.2023 година

Мета.мк (26.4.2023 година): Субвенционираниот оброк отсега изнесува 140 денари дневно, Собранието го донесе законот, проверено на 23.5.2023 година

Мета.мк (11.5.2023 година): Студентите го добија првиот покачен субенциониран оброк, проверено на 23.5.2023 година

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гореле диви депонии во Желино и Боговиње

Две диви депонии синоќа гореле во Полошкиот регион. Според информациите од Центарот за управување со кризи се случиле два пожари на отворен простор во последното деноноќие, во атарот на...