Студентите го добија првиот покачен субенциониран оброк

За април на студентите им се исплатени 2.520 денари

Илустрација: Мета.мк

Студентите во земјава на своите сметки денеска ги добија средствата за субвенциониран студентски оброк за април. За овој месец на студентите им се исплатени 2.520 денари.

Од месец април државата почна да ја исплаќа зголемената сума од 140 денари дневно за секој работен ден во месецот. Покачувањето на оброкот следува откако студентите и државата во ноември минатата година се договорија износот на оброкот кој до март изнесуваше 120 денари дневно, да се зголеми за најмалку 20 денари.

Со изгласаните измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, износот на мерката ќе се менува согласно инфлациската стапка за секоја календарска година. Покрај ова, од септември ќе почне да се применува системското решение со кое студентите преку дигитални картички ќе купуваат субвенциониран оброк кај регистрирани даватели на услугата. Дотогаш, Министерството за образование и наука (МОН) треба да избере банка која ќе биде носител на платниот промет преку кој ќе се плаќа субвенционираниот студентски оброк и која ќе ги изработи дигиталните картички со кои студентите ќе може да купуваат оброци кај угостителите.