Зградата на Основен кривичен суд и Основен суд Скопје 2 | Фото: Архива на Мета

На денешното судско рочиште за „Меѓународен сојуз“ беа сослушани бизнисмените Адријан Амзоски и Ресул Лога.

Амзоски, кој е еден од сопствениците на фирмата „Дрим билдинг“ Струга, рече дека за проектот со старачки домови дознал преку Александар Димитровски, кој му кажал дека постојат три проекти со „Меѓународен сојуз“, по еден во Струга и Охрид и еден во општина Карпош, за кој што и се одлучиле.

„Според договорот „Меѓународен сојуз“ требаше да го обезбеди земјиштето за градба. Ние, откако го потпишавме договорот имавме обврска да платиме 25 отсто или 16,1 милион денари фактура на авторски договор на Јасна Мандиќ. Уплативме 15 милиони денари одеднаш и рестото подоцна. Потоа требаше да чекаме „Меѓународен сојуз“ да обезбеди земјиште, да не ослободи од комуналии, ама од тоа не бидна ништо. После истекот на рокот од 180 дена побаравме да ни се вратат парите,“ изјави Амзоски и додаде дека од тие пари Бојан вкупно му вратил 155 илјади евра, во период од неколку месеци.

Бизнисменот Ресул Лога рече дека за проектот за изградба на домови за стари лица требало да платат 350 илјади евра во готово и 16,1 милион денари на фактура. Тој, како што сведочеше на рочиштето, се вклучил во проектот бидејќи му изгледал профитабилен.

Судењето за „Меѓународен сојуз“ продолжува на 29 април кога треба да биде сослушан бизнисменот Силјан Мицевски, кој е последен од сведоците предложени од Обвинителството.

За случајот „Меѓународен сојуз“ обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.