Мечето Падингтон изненади на наградите БАФТА со срдечната почит кон кралицата Елизабета

Меѓу другите кои добија награди од Британска академија за филмска и телевизиска уметност е и актерката Кејт Винслент. Таа се осврна на проблемот со штетната содржина на социјалните мрежи и повика на акција против тоа

Фото: Колаж од принскрин видеа од БАФТА и Јутјуб каналот на Кралското семејство

Доделувањето на ТВ наградите на Британска академија за филмска и телевизиска уметност БАФТА, кое синоќа се одржа во лондонскиот Ројал Алберт Хол, емотивно ги изненади гледачите кога познатото мече Падингтон се појави меѓу присутните за да покаже искрена почит кон покојната кралица Елизабета Втора.

Мечето аплаудираше и ја симна капата во знак на почит, додека тимот кој го изработи видеото ја прими наградата „Незаборавен момент“ за емисијата „Падингтон ја запознава кралицата на платинестиот јубилеј: Забава во палатата!“, што е единствена категорија за која гласаше јавноста.

Во својот говор, Симон Фарнаби кој глумеше во видеото со мечето Падингтон, кажа дека кралицата многу им недостасува и ѝ се заблагодари за сè.

„Таа имаше многу радосен јубилеен чај тој ден… Личноста која најмногу ја заслужува оваа награда повеќе не е со нас, ние можеме само да ја прифатиме во нејзино име и да кажеме, ‘Ви благодариме, госпоѓо, за сè“, рече Фарнаби.

Неговиот говор длабоко трогна многу луѓе, кои на Твитер го споделија својот емотивен одговор и изразија колку им недостасува кралицата Елизабета Втора.

Меѓу другите кои добија награди од Британска академија за филмска и телевизиска уметност е и актерката Кејт Винслент. Таа ја доби наградата за главна актерка за нејзината изведба во „Јас сум Рут“, која победи и во категоријата „Сингл драма“. Винслент која во мини-серијата глуми мајка што се справува со влијанието на социјалните мрежи, на свеченоста дојде со ќерката Миа Триплтон и наградата ѝ ја посвети токму нејзе.

За време на нејзиниот говор, актерката и добитничка на Оскар, ја искористи можноста да се осврне на проблемот со штетната содржина на социјалните мрежи и повика на акција против тоа.

Сите добитници овогодинешните награди БАФТА се објавени на официјалната страница на академијата на следниот линк.