Четири маскирани лица фрлиле два молотови коктели врз Музејот на албанската азбука во Битола. Настанот се случил утрово, околу 4 часот, потврдуваат од раководството на Музејот. Сторителите, според вработени во Музејот, сакале да го запалат објектот, ама не успеале.
Битолската полиција потврдува дека настанот е евидентиран и дека е почната истрага.
Портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, вели дека има оштетување на стаклото на влезната врата и на прозорско стакло на вториот кат.
– Фрлени се две шишиња со непозната течност. Едното шише не се запалило, а другото удрило во ѕидот и направило штета на асфалтот. Наша екипа излезе на местото на настанот – вели Стаматова.
Според неа, за настанот ќе се огласи директно Министерството за внатрешни работи, и тоа за кратко време.
Музејот на албанската азбука беше мета на напади и пред неколку месеци, кога непознати сторители, исто така, ги искршија стаклата пред одржувањето на минатогодишната свеченост за албанската азбука. Засега полицијата во Битола не излезе со информација кои се сторителите.