Маричиќ: Управувањето со органски отпад го реализираме преку ИПА проекти, а со тоа ги постигнуваме и целите на Залениот договор

Фото: Секретаријат за европски прашања

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во серијалот ИПА проекти и искористувањето на европските средства, денес на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека Европската Унија дава финансиска поддршка за управување со органски отпад, бидејќи е важно прашање за заштита животната средина и е една од најсложените области во однос усогласување со регулативите на ЕУ.

Вицепремиерот и Национален ИПА координатор пишува дека Унијата нè поддржува да ги постигнеме своите еколошки цели и постепено да ги подигаме на ниво на стандардите на ЕУ, со вкупен буџет на ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција 2014-2020 од 45.470.066 евра, ЕУ и национално финансирање, а скоро половината, 22.735.032 евра се искористени во проекти од втората приоритетна оска-Заштита на животната средина-транспорт.

„Нашиот ангажман, кога станува збор за постигнување на целите од Европскиот зелен договор, е клучен за процесот на европска интеграција и ќе придонесе за поефикасно користење на ресурсите. Наша цел е транзицијата кон чиста, кружна економија и мерките за запирање на климатските промени, истовремено обновување на биолошката разновидност и намалување на загадувањето, ќе ја поддржат економијата и ќе отворат нови работни места“, истакна Маричиќ во својата објава.

Вицепремиерот се осврна и кон проектот „Симбиозис“ (2018-2020) кој отвори нова страница во управувањето со органскиот отпад во општина Битола, за која отпадот денес е ресурс, бидејќи овој проект поддржан од европските ИПА програми, овозможи да започне со селективно собирање на органскиот отпад кој нема да го „фрла, туку ќе го преработува и од него ќе добие компост кој ќе го користи како ѓубриво во своите расадници и на јавните зелени површини.

„Следејќи го концептот Индустриска симбиоза, проекот „Симбиозис“ не е само придобивка во заштитата на животната средина, туку дава и конкретни социјални придобивки за локалните заедници преку подобро искористување на био ресурсите од прехранбената индустрија во корист на општествените активности и создавањето нови работни места, како и подобрување соработката помеѓу секторите и бизнисите во прекуграничната област, а со тоа да се подобрат локалните економии и да се поттикне претприемништвото“, пишува вицепремиерот Маричиќ.