fbpx

Малата депонија на линдан во ОХИС може да се чисти и до три години

-

Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС е голем проект, со кој се очекува по повеќе од четири децении, да започне решавањето на една од најголемите историски еколошки жешки точки во земјава. Отпадниот пестицид, кој е последица на работењето на хемискиот капацитет, долги години стои несоодветно складиран во дворот на ОХИС и претставува голема закана за здравјето на луѓето и ги контаминира воздухот и почвата. Во моментов, во тек е тендер за избор на компанија која ќе ја чисти оваа депонија, а од понудата која ќе биде избрана ќе зависи технологијата што ќе се користи, што ќе ги определи и роковите за работа.

Покрај малата, во дворот на ОХИС се наоѓа и поголема депонија на опасниот пестицид. Се работи за околу 13.000 тони линдан, несоодветно складиран и покриен со 20.000 тони земја, која заради децениската изложеност на токсичната хемикалија и самата е контаминирана и исто така претставува опасен отпад. Неодамна јавноста дозна и за уште две локации каде што во минатото бил закопуван линдан. Едната е во дворот на ОХИС, а другата е надвор, и се наоѓа во близина на локалитетот „Пеленица“ кај Драчево. „Пеленица“ е излетничко место на кое се одржуваат и ученички екскурзии. Минатата година, локалитетот каде што постои сомнеж дека е загаден со линдан, беше заграден, а заради опасноста за здравјето на децата беа забранети и екскурзиите и други посети.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека засега пари за чистење има само за малата, а активно финансии се бараат и за големата депонија.

„За чистење на малата депонија на линдан, точниот рок за чистење ќе биде познат по изборот на најдобриот понудувач во текот на постојната тендерска постапка и истиот ќе зависи од избраната технологија. Во моментот се претпоставува дека чистењето на малата депонија на линдан може да потрае до три години. Расположливите финансиски средства се обезбедени преку ГЕФ/УНИДО, Владата на Република Северна Македонија и Норвешката Влада“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

За големата депонија на линдан, сè уште не се обезбедени финансии. Во Министерството велат дека со Канцеларијата за ПОПС, во соработка со Генералниот секретаријат на владата, Секретаријатот за Европски прашања и други национални институции, секој во рамките на своите надлежности, работат на обезбедување на потребните финансиски средства за решавање на проблемот и со големата депонија.

Линданот е инсектицид со широк спектар на дејствување со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити, сè додека пред повеќе од 40 години не бил забранет заради неговата токсичност. Тој е канцерогена супстанца, се сврзува со ПМ-10 честичките и го загадува воздухот, а заради несоодветното чување во изминатите децении, масовно ја загадувал почвата и подземните води.

Професорот од Институтот по хемија, Трајче Стафилов пред повеќе години објави неколку истражувања кои покажаа загрижувачки резултати. Меѓународна студија, финансирана од Европската Унија, покажала дека воздухот во околината на ОХИС содржи три до четири нанограми на кубен метар линдан. Стафилов вели дека во светот не постојат акти во кои се пропишани максимално дозволените количини линдан во воздухот, од причина што ретко се сретнуваат ваков вид на депонии на отворено. Единствената споредбена точка, според која може да се утврди дека контаминацијата во Скопје е огромна, се резултатите од примероците воздух земени во Лазарополе, еден од најчистите краеви во земјата. Таму, концентрациите на линдан покажале 0,1 нанограми на кубен метар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...