fbpx

„Пржинскиот модел“ закочи 90 милиони евра одобрен кредит за борба со ковид-19, проблемот треба да го реши ДИК

-

Владата презема мерки за реализација на веќе одобрениот заем од Светска банка во висина од 90 милиони евра за борба со ковид-19, откако дополнителната заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска подолг период одбива да стави потпис на договорот за заем. На вчерашната седница владините министри одлучија да побараат мислење од Државната изборна комисија (ДИК) која, според Законот за Влада, во делот на изборот и на работењето на техничката, преодна влада, има надлежност да пресече во вакви случаи.

Средствата од 90 милиони евра кои се веќе одобрени од Бордот на Светска банка, треба да се употребат за зајакнување на капацитетите на здравството за справување со ковид-19, набавка на медицинска опрема, финансирање на придонеси за здравствено осигурување за невработени и за ранливи групи, финансирање на привремената поддршка за невработените и обезбедување паричен надоместок за оние кои останаа без работа, за привремената социјална помош на посиромашните граѓани и слично.

„Со одбивањето да се потпише договорот за заем, дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги доведува во сериозен ризик реализацијата на овие иницијативи. Затоа е заклучокот да се побара мислење од ДИК за оваа опструкција во работењето на Владата, според Законот за Влада“, стои во владиното соопштение.

Министерот Венко Филипче денеска изјави дека не гледа причина зошто Димитриеска-Кочоска не го парафира договорот. Како што посочи на прес-конференцијата, досега осум пати е даван одговор на нејзините доставени прашања во врска со заемот и е објаснето дека средствата ќе се искористат за поддршка, снабденост со апарати и медицински помагала во здравствениот систем и сите одделенија, за третман на болните од ковид-19.

„Не гледам причина зошто два месеца се чека на потпис и се прави сериозен хендикеп, а имаме шанса да добиеме брз кредит, како што веќе добиле 100-ина земји како помош во состојбата со пандемијата. Не знаеме што нè чека наесен, овие средства во моментов ни се многу значајни“, изјави Филипче.

Заменик министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, која по предлог на ВМРО-ДПМНЕ е дел од техничката влада, смета дека не го кочи процесот на земање на веќе одобрениот заем од Свеската банка.

Во изјава за Мета.мк, Димитриеска-Кочоска вели дека се нејасни многу аспекти и нема одговори за предвиденото ретроактивно финансирање до 30 отсто од вкупниот кредит, или за 27 милиони евра за трошоци настанати од 1 февруари.

„Која е оправданоста на трошок од 800 илјади евра, од кои 360 илјади евра за ангажирање на експерти и остатокот за обука на медицинскиот кадар, зошто нема онлајн обуки и овие средства да се наменат за директна поддршка на граѓаните, како се оправдува итноста на надградбата на системот „Мој термин“ што чини 200 илјади евра и друго“, прашува Димитриеска-Кочоска додавајќи дека не била вклучена во претходните преговори за заемот.

Во однос на тоа зошто во вакви случаи се чека да пресече ДИК, професорката по правни науки, Ана Павловска-Данева, објаснува дека техничката влада функционира со министер и еден дополнителен заменик-министер. Според Законот за влада, тие и двајцата треба да се потпишат на секој акт што е во врска со избори, а кој има правно дејство, или акт кој може, и покрај најдобрите намери, да влијае или да биде некаков мотив употребен за гласање.

„Според ‘пржинскиот модел’ на техничка влада, ДИК е единствениот независен орган кој е назначен и кој во кус временски период треба да решава спорови меѓу министер и дополнителен заменик министер, ако некој од нив не сака да потпише документ, и ДИК ја донесува крајната одлука. Ако една страна не е задоволна, може да поднесе тужба до Управниот суд“, вели Павловска-Данева.

Но таа потенцира дека во правната теорија и практика во компаративното право, нема друг ваков пример, државна комисија, составена од претсавници на власта и на опозицијата, да е надлежна да решава спор меѓу двајца носители на извршна власт.

„Ние сме единствени, како што сме и единствени со техничката влада. Конкретниот случај со неставањето на параф на договорот за заем од Светска банка, изгледа дека во моментов тоа зависи само од ДИК“, вели Павловска-Данева.

Министерката за финансии Нина Ангеловска деновиве посочи дека верува во реализацијата на средствата од Светска банка и дека Владата треба да прикаже и понатаму добра и конструктивна соработка во овие моменти на криза, кога е најпотребна добра координираност и брзина. Ангеловска потсети дека секој предлог односно закон за задолжување, го потпишува таа, заедно со дополнителната заменик министерка. Но, дека таа има легитимно право да има одредени прашања за документите, пред да стави потпис на нив. Во врска со заемот од Светска банка, Ангеловска рече дека Димитриеска-Кочоска доставувала одредени прашања на кои ѝ е одговорено.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток...