fbpx

Макрон не е сатанист и не постои никаков план за депопулација

Само луѓето на возраст од 18 или повеќе години кои се способни да формираат свои ставови ќе им биде дозволено да се вклучат во процесот, што значи дека оние со тешки психијатриски состојби и невродегенеративни нарушувања како што е Алцхајмеровата болест нема да можат, прецизирал Макрон, пренесува „Ле монд“

-

Објавата се однесува на изјава на францускиот претседател Макрон за новиот нацрт-закон за крајот на животот кој ќе овозможи „помош за завршување на животот“. Предложениот закон се однесува само на возрасни лица кои страдаат од неизлечива болест во крајна фаза, односно за кои нема спас и дека истите одлуката за завршување на својот живот ќе ја носат самостојно. Никој нема да ги принудува на ништо, ниту пак, со сила да ги убива, како што сака да наметне објавата. Теоријата на заговор за некакви си сатанисти, за некоја длабока држава и за некаков план за депопулација е добропозната теорија за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата е производ на движењето Кју Анон, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која ја шири добро познатата теорија на заговор за наводни сатанисти и нивниот наводен план за депопулација, а овојпат во главната улога на приказната е францускиот претседател Емануел Макрон.

Пред два месеци Канадскиот премиер исто предложи закон за еутаназија на пациенти со депресија, сега Макрон за болни од карцином последна фаза од болеста.На изглед овој втор предлог и изгледа некако прифатлив,но да не ги забораваме манипулациите кои можат да произлезат и од двата предлога.Едноставно тие не се откажуваат од ниедна нивна одлука во било кој сегмент од човечкиот живот и ги туркаат нивните еугениски агенди за намалување на човечката популација.Наизглед и ова изгледа како да се единствените спасители на планетава и се грижат за нејзиниот опстој,но не е воопшто така.Тие се застапници на сатанистичкиот култ и колку повеќе човечки жртви има толку повеќе го хранат нивниот идол и неговата моќ!!! Езотеријата не е за едноставниот,простичок човек,За тоа не велите “глупости”.Никој од нив не е глуп!!!…За тоа велам се’ е бесмислено за обичниот на оваа планета со вакви лидери!!!…, пишува во објавата.

Објавата се осврнува на изјава на францускиот претседател Макрон за новиот нацрт-закон за крајот на животот кој ќе овозможи „помош за завршување на животот“, а кој треба да стигне во францускиот парламент во мај.

Имено, како што објави Франс 24 потегот на Макрон следи по минатогодишниот извештај кој покажува дека повеќето француски граѓани поддржуваат легализирање на опциите за крајот на животот.

Во интервјуто објавено во понеделникот од француските весници „Ла Кроа“ и „Либерасион“, како што пренесува Франс 24, Макрон рекол дека новиот предлог-закон ќе биде ограничен на возрасните лица кои страдаат од неизлечива болест и за кои се очекува да умрат за „краток или среднорочен период“ и кои страдаат од „нерешлива“ физичка или психолошка болка.

Макрон рекол дека законот ќе понуди „можен пат, во одредена ситуација, со прецизни критериуми, каде што лекарската одлука ќе ја игра својата улога“.

Тој го навел примерот на лицата со карцином во терминална фаза, од кои некои досега заминале во странство за да стават крај на својот живот, пренесува Франс 24.

Само луѓето на возраст од 18 или повеќе години кои се способни да формираат свои ставови ќе им биде дозволено да се вклучат во процесот, што значи дека оние со тешки психијатриски состојби и невродегенеративни нарушувања како што е Алцхајмеровата болест нема да можат, прецизирал Макрон, пренесува„ Ле монд“.

Пациентите кои сакаат да влезат во процесот ќе треба повторно да го потврдат својот избор по 48 часа и потоа треба да добијат одговор од медицинскиот тим во рок од најмногу две недели, рекол Макрон. Лекарот потоа ќе испорача рецепт, со важност од три месеци, за смртоносниот лек.

Луѓето ќе можат да ги земаат лековите дома, во дом за стари лица или во здравствена установа, додал Макрон.

Доколку нивната физичка состојба не им дозволува да го прават тоа сами, ќе им биде дозволено да добијат помош од некој по нивен избор или од лекар или медицинска сестра.

Некои француски пациенти патуваат во други европски земји за да бараат дополнителни опции. Потпомогнатото самоубиство е дозволено во соседна Швајцарија, како и во Португалија. Во моментов, евтаназијата е легална во Холандија, Белгија, Луксембург и Шпанија под одредени услови, потсетува Франс 24.

Од изјавите на Макрон станува јасно дека законот за „помош за завршување на животот“ ќе се однесува само на возрасни лица кои страдаат од неизлечива болест во крајна фаза, односно за кои нема спас и дека истите одлуката за завршување на својот живот ќе ја носат самостојно. Никој нема да ги принудува на ништо, ниту пак, со сила да ги убива, како што сака да наметне објавата што ја анализираме. Овој закон нема да се однесува на лица со нарушена психолошка состојба, односно лица кои не се способни сами да расудуваат и одлучуваат. Имено, законот, доколку се усвои, би се применувал според строго дефинирани правила.

Никој не спомнува никакви сатанисти и планови за депопулација. Авторот на објавата што ја анализираме нафрла само свои претпоставки, сакајќи да ги прикаже како вистинити, а без притоа да понуди некакви докази. Настрана фактот што тезата за „застапници на сатанистичкиот култ“ паѓа во вода, ако се знае дека вакви слични зкаони има во уште 6 земји од една страна (сите ли законодавци и јавноста во тие земји кои гласале или кои се согласуваат со ваквтие закони се „застапници“ на таквиот култ?), како и фактот што за такво нешто не што нема докази, туку нема ни назнаки.

Теоријата на заговор за некакви си сатанисти, на некоја длабока држава и за некаков план за депопулација е добро позната теорија за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата е производ на движењето Кју Анон. Според оваа теорија, една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и ќе бидат срушени само кога Доналд Трамп ќе се врати на претседателското место.

Според описот на Белингкет (bellingcat.com) Кју анон е теорија на заговор којашто лажно тврди дека ексамериканскиот претседател Доналд Трамп долго работи на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). И покрај тоа што Трамп во моментов не е претседател и предвидувањата на Кју анон не се остваруваат, конспирацијата продолжува да влече нови следбеници. Освен во САД, проширена е во многу држави и од неа се создадени други опасни наративи, како на пример, оние што ги шират антиваксерите. Следбениците на Кју остануваат активни и во теориите на заговор кои се однесуваат на Украина, пишува Белингкет.

Не е првпат Макрон и други светски лидери да се поврзуваат со наводен сатанизам. Во јули 2022 година на социјалните мрежи се споделуваа видеоизменети фотографии на кои се гледаа черепи и скелети, со цел да се претстави дека лидерите на НАТО поддржуваат сатанистичка уметност. Меѓу нив, секако беше и Макрон. Оригиналните фотографии, како што покажа тогаш проверката на Вистиномер, беа од настанот кој го приреди шпанскиот премиер Педро Санчез на 29 јуни, како дел од дводневниот самит на НАТО  во главниот град на Шпанија. „Ројтерс“ во живо го емитуваше настанот и тој пренос може да го погледнете на следниот линк.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме споделува теории на заговор, сакајќи да го прикаже францускиот претседател како некаков сатанист кој кова наводни планови за депопулација. Ништо од тоа не е вистина, ниту пак, е некако докажано. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...