Македонски средношколци со часови чекале на српско-унгарска граница поради зголемен проток на сообраќај

Унгарска гранична полиција во автобус. Фотографија од 2022 година. Автор: juliadbau, CC BY-SA 2.0, Викимедија комонс

Четири автобуси со ученици од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје се задржале десетина часови на српско-унгарската граница поради зголемен проток на сообраќај. Како што информира Министерството за надворешни работи (МНР), тие преку Амбасадата во Будимпешта реагирале кај унгарските власти и учениците во осум часот утрово го поминале граничниот премин.

Од Министерството велат дека „веднаш по добивање на информацијата за застојот“ стапиле во контакт со граничната полиција од каде добиле потврда дека има вонреден застој на границата како резултат на големиот број автобуси поради пролетните распусти на европските средношколци.

„За многу кратко време по остварениот првичен разговор, околу осум часот наутро, од страна на граничната полиција беше добиено известување дека нашите ученици поминале низ граничниот премин“, велат од МНР.

Оттаму потсетуваат дека граѓаните можат да пријават какви било проблеми при патувањата во странство на СОС телефонот во Министерството: +38975273732, потоа преку електронска пошта: [email protected] како и директно во амбасадите.