Македонија во 2023: Ако сакаш да патуваш, мора да одиш до станица за да си купиш билет

Онлајн набавката во европските земји штеди пари ако е билетот купен извесно време пред патувањето, а патникот е сигурен дека ќе тргне во посакуваното време. Во реално време, може да се види и колку доцни поаѓањето на автобус или воз

-

Скопје, тмурно саботно утро во февруари. Тројца пријатели испланирале дневно патување до Штип и се упатуваат на меѓуградската автобуска станица. На билетара дознаваат дека автобускиот превозник одлучил дента да пушти комбе наместо автобус, па наместо 50-тина, може да продаваат само 15 автобуски билети. Пријателите купуваат карта за нив, а позади остануваат граѓани кои не можат да купат билет, бидејќи нема слободни места. Ќе треба да чекаат уште два часа до следното поаѓање, а ако вози друг превозник, можно е да платат и поскап билет. Ова е само едно од многубројните искуства од користење на меѓуградскиот превоз во земјава, кое на своја глава го чувствуваат македонските граѓани.

Во 2023 година, во една европска земја не може да се набави билет за патување со автобус и воз онлајн, да се види колку слободни места за патување има на располагање, ниту пак може да се провери на сајт или преку апликација дали и колку доцни во поаѓање или пристигнување нивното превозно средство. Патниците мора однапред да одат до станица за да набават билет ако сакаат да бидат сигурни оти ќе патуваат во посакуваното време, а мислена именка е можноста да се плати поевтино билетот ако патникот се одлучи да го купи неколку денови однапред.

Дигиталните услуги во македонскиот транспорт се на нулта точка, голем дел од превозниците и автобуските станици низ земјава немаат ниту сопствен сајт за проверка на возниот ред, додека во европските земји веќе со години наназад дел од автобуските и железничките превозници функционираат единствено преку онлајн продажба на билети.

Дигитални услуги според волја на превозниците и станиците

Сајтот на Скопската автобуска станица функционира од аспект на преглед на возните редови, но во моментов нема можност за набавка на онлајн билети. Дали ќе доцни некој автобус во поаѓање за одредена дестинација не може да се види. Онлајн искуството со оваа автобуска станица е одлично, во споредба со, на пример, штипската автобуска станица, која воопшто нема сајт. Во Прилеп, автобуската станица има сопствена веб-страница со објавен возен ред, но опцијата „Резервирај билет“ е нефункционална.

Мета.мк испрати прашања до автобуските станици во Скопје и Прилеп, како и до автобускиот превозник „Роман“ од Прилеп. Од скопски „Руле Турс“ информираат дека превозот за време на ковид пандемијата бил сведен на рестрикции до 90% и од таа причина не се инвестирало во таков сајт, додека транспортните фирми едвај опстојувале.

„Во моментот се изработува и во завршна фаза е сајтот за електронска продажба на карти кој после пробен краток период ќе функционира, се надеваме на задоволство на патниците“, информираат од „Руле Турс“, додавајќи дека за неговото пуштање во употреба граѓаните навремено ќе бидат информирани.

Од „Руле Турс“ објаснуваат дека нивниот нов веб-сајт кој ќе биде во употреба до крајот на месецов, граѓаните ќе имаат опција да го следат движењето на автобусите од нивната компанија во реално време, но не можат да дадат одговор за автобусите на другите превозници.

Во однос на можноста да се набават билети онлајн извесен период пред патувањето по поевтини цени од купувањето билет пред самото патување, од „Руле Турс“ објаснуваат дека на нив таквото искуство не им е познато. Со компаниите од ЕУ со кои тие соработуваат, немаат искуство каде цената на картата флуктуира во зависност од тоа колкав период пред патувањето е набавен билетот.

Во телефонски разговор по испратените прашања на мејл, од прилепскиот автобуски превозник „Роман“ ни рекоа дека немаат можност да воведат онлајн продажба на билети, додавајќи дека продажбата на билети мора да оди преку прилепската автобуска станица.

Од прилепската автобуска станица Пелагонија Бус за Мета.мк велат дека изработката на сајт за продажба на билети чини околу 50.000 евра, што како фирма не се способни да ја платат сами како инвестиција. Од станицата изработиле проект со физибилити студија за еден од повиците на Фондот за иновации, но не успеале да добијат средства за оваа идеја.

„Ваков централизиран сајт постои од 2014 година и се вика http://e-avtobuska.mk/ кој е финансиран од страна на сите автобуски станици во Р. С.Македонија. Истиот сајт не функционира иако е платен од сите автобуски станици по 300.000 денари и поддржан и од Министерството за транспорт и врски“, вели Борче Чупетрески од Автобуската станица Прилеп.

Тој потврдува дека постојат сајтови кои се заинтересирани да даваат услуги за онлајн продажба на билети, но цената на услугата која тие ја барале е премногу висока и нереална.

„Ако ние имаме 10 отсто од вредноста на билетот, не може електронската продажба да кошта 10 отсто од вредноста на билетот или целата наша заработка. Тогаш од што би се финансирале ние и како би ги подмирувале сите трошоци“, додава тој.

Од прилепската автобуска станица велат дека планираат да воведат услуга за онлајн продажба на билети, а истата технички и софтверски се подготвува, но и додаваат дека се приморани да продадат дел од нивниот имот за да го финансираат проектот.

Чупетрески додава дека автобуската станица е само посредник при вршењето на транспортната дејност, додека превозниците сами ја определуваат цената на билетите. Исто така, задолжение на автотранспортните компании би било да постават ГПС системи во автобусите, за да може да се обезбедат информации за движењето на автобусите во реално време за патниците.

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк велат дека веб-страницата e-avtobuska.mk како уницифирна платформа која служи за онлајн резервирање и купување на автобуски билети не е во сопственост на Министерството за транспорт и врски, ниту пак Министерството е задолжено за хостирање и одржување на овој веб-портал.

Железницата во „длабок сон“

На сајтот на единствениот железнички превозник во земјава – Железници на РСМ-Транспорт не само што нема можност за онлајн набавка на билети и не е овозможено следење на движењето на возовите во реално време, туку и актуелниот возен ред не е корегиран во согласност со реалната состојба на несообраќањето на возовите кон Кичево, Кочани, Приштина и Куманово. Патниците можат да дознаат за тоа кој воз сообраќа единствено доколку се јават на телефон на железничка станица или појдат на самата станица. И купувањето на железнички билет може да се изврши единствено на железничките станици или кај кондуктер во возот.

И до Железници на РСМ-Транспорт испративме прашања за тоа дали и кога планираат да воведат електронска продажба на билети и кога би ја вовеле можноста на сајтот за следење на доцнењата на возовите во реално време онлајн, но не добивме одговори на поставените прашања.

Ќе се менува законот за да се овозможат дигитални услуги

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк признаваат дека има одредени недостатоци во сегментот на онлајн резервациите и купувањето билети од страна на автобуските станици.

„Ве известуваме дека во моментов сме во процес на изработка на нов Закон за превоз во патниот сообраќај, во кој ќе се воведат многу новитети со цел подобрување на условите за вршење на превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај како и поголема достапност на информации од јавен карактер за граѓаните, вклучувајќи и резервациите и онлајн купувањето“, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Од Државниот инспекторат за транспорт објаснуваат дека во членот 33, став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај (ЗППС) стои дека возни билети исклучиво се продаваат преку унифициран електронски систем со електронско плаќање на билетите.

„Онлајн продажба е дефинирана во овој член, но не е дефинирано кој го изработува сајтот за продажба на билети, кој е носител на овластувањето, исто така не е пропишана начинот и изгледот на сајтот за продажба на онлајн билети“, велат за Мета.мк од Државниот инспекторат за транспорт.

„Во претходните години при извршени инспекциски надзори на терен е констатирано непочитување на член 33 став 1 од ЗППС по што се поведени прекршочни постапки кои сеуште се во постапка пред надлежен суд“, додаваат од овој инспекторат.

Во врска со евентуалните промени на овој закон, од Инспекторатот за транспорт нè препратија во Министерството за транспорт и врски, односно во секторот за патен сообраќај.

Како функционира Европа со онлајн набавката на билети?

За да прикажеме позитивен пример од онлајн набавката на билети, ја одбравме веб-страницата на Student Agency во Чешка. Оваа приватна компанија продава автобуски и железнички билети, а на интернет може да се набават и неколку месеци однапред. Со самото впишување на почетната и крајната дестинација на патување во онлајн формата, ги добивме опциите за патување меѓу Прага и Брно за во мај 2023 година.

Скриншот од пребарувањето на билети онлајн на веб-страницата Student Agency

Како што може да се увиди од резултатот на пребарувањето, за секое одделно поаѓање со автобус или воз се достапни информации за цената на билетот, за бројот на слободни места во превозното средство, но и информација за распродадени поаѓања. Иако се од идентичен превозник, цените на билетите флуктурираат во зависност од поаѓањето.

Бидејќи Чешка може да изгледа далечна според степенот на развој на оваа дигитална услуга, Мета.мк се обиде да набави железнички билет онлајн од „Србија Воз“ во Србија. Преку впишување на почетната и крајната дестинација на патувањето, како и датумот на патување, ги добивме сите поаѓања на возовите меѓу Белград и Нови Сад. Преку избирање на конкретен воз, сајтот автоматски води кон електронска наплата на билетот.

Скриншот од пребарувањето на билети онлајн на веб-страницата Srbija Voz

Вакви слични примери со информации за онлајн набавка на билети, за бројот на достапни седишта, за цената на билетот и за следење на евентуалните доцнења на превозното средства ги има премногу на број во европските земји, а дел од нив претставуваат позитивно искуство како антипод на состојбата во Македонија.

Bus2Go како успешен македонски пример

Апликацијата Bus2Go е редок пример во Македонија, преку кој граѓаните во изминативе 18 месеци имаа можност да купат билети онлајн за патување со автобус во земјава и во странство.

„Моментално достапната понуда вклучува над десет превозници и линии и околу 100 различни можни билети. Во оваа пилотна фаза, поголемиот дел од нашите корисници се странски патници коишто патуваат низ нашата земја“, вели за Мета.мк Афет Муслији, ко-основач на апликацијата Bus2Go.

Тие се во контакт и со останатите домашни превозници, кои не се дел од нивната онлајн платформа. Од Bus2Go очекуваат да им се приклучат повеќе превозници со меѓународни линии, но и признаваат дека преговорите со превозниците на домашните линии се потешки и поспори.

„Патнички билети за одредена линија и време се продаваат преку шалтер од повеќе од една фирма, без централен и заеднички систем за резервации по однапред договорен начин. Автобуските станици се посебни бизниси чии главен приход е шалтерската продажба на билети. За да се дигитализира секторот и да се подобри услугата кон корисниците, потребно е севкупно решение и модел кој што ќе ги вклучи и поврзува сите играчи во овој систем“, вели Муслији.

Од Bus2Go додаваат дека онлајн услугата за набавка на билети има многу предности, меѓу кои е подобрата услуга кон патниците, но и самиот јавен сообраќај да стане поатрактивен за граѓаните. Исто така, на транспортните компании со онлајн набавката на билети им се овозможува оптимизација на понудата преку планирање и оптимално искористување на капацитетите за превоз на патници.

Tешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола, три лица го загубија животот

Утрово се случи тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола во којашто три лица го загубија животот, а едно е тешко повредено. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп...