Главен приоритет на Бугарија за време на претседавањето со Европската Унија (ЕУ) ќе биде Западен Балкан и поддршка на европската перспектива на регионот, изјавила бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, на средбата во Софија со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Бугарија ќе продолжи со поддршка на зајакнување на соработката меѓу ЕУ и регионот низ практични мерки, како што е, на пример, неопходната енергетска инфраструктура, рекла Захариева. Таа истакнала дека брзата интеграција во ЕУ е препознаена како главен приоритет на државите во регионот и додала дека Западен Балкан треба да ја искористи оваа единствена можност, дотолку повеќе што со Советот на ЕУ во наредниот период последователно ќе управуваат пет земји што се залагаат за проширување – Естонија, Бугарија, Австрија, Романија и Хрватска.

Свилановиќ, како што соопшти РСС, рекол дека Советот и Бугарија можат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот.

„Се радуваме на претстојното претседателство на Бугарија со ЕУ и на силната желба и амбиција во текот на првата половина од 2018 година да се посвети повеќе внимание на Западен Балкан. Советот и Бугарија можат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот и да го подржат позитивниот напредок во регионалната соработка што е остварен во текот на годинава“, истакнал претседателот на РСС.

Захариева и Свилановиќ на средбата, одржана синоќа, разговарале за конкретни активности за време на бугарското претседателство со ЕУ, кое почнува на 1 јануари 2018 година, како и за планираниот самит на претседатели на држави и на влади на Западен Балкан и на ЕУ. Самитот треба да се одржи во мај во Бугарија, а истовремено ќе се одбележи и десетгодишнината на РСС, кој е формиран во 2008 година, исто така во Софија.

РСС e оперативно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.