„МакеДокс“ на четири локации низ Скопје со 75 документарци на програмата

Отворањето на фестивалот е на 17 август во Куршумли-ан со проекција на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција) и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), проследени со концерт на локалната група „Искра“

Извор на фотографија: МакеДокс

Скопје од 17 до 24 август ќе биде домаќин на 14-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, на кое ќе се прикажат 75 документарни филмови што се вброени во овогодинешната програма, информираат од овој фестивал.

„Четиринаесетото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи под мотото #пресечи (#cutit). Во фокус ја поставуваме монтажата на документарниот филм. Фестивалот ќе се одржи на 4 локации – Куршумли-ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар, Даутпашин амам и нашето ново летно кино во Сули-ан. Најавуваме богата фестивалска програма со повеќе од 100 странски гости, професионалци од документарниот свет“, истакна Дарко Набаков, извршниот директор на „МакеДокс“ на денешната прес-конференција по повод одржувањето на фестивалот.

Отворањето на фестивалот е на 17 август во Куршумли-ан со проекција на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција) и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), проследени со концерт на локалната група „Искра“.

Филмската програма на овогодинешното издание на „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Земја во фокус годинава е Данска.

„Како и секоја, така и оваа година, доста долго време гледавме и ги „динставме“ документарните филмови за на крајот да пресечеме и измонтираме програма со околу 75 филмови кои ќе бидат прикажани на „МакеДокс“. Монтажата како процес на работа и барање на повеќеслојност во филмската документарна приказна е во фокусот на овогодишното издание, а по тој повод и Земја во фокус одбравме да биде Данска. Заедно со Данскиот филмски институт скроивме програма од 12 дански долгометражни филмови, а го поканивме и светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд да одржи работилница, со оглед на тоа што данските документарни филмови се секогаш добро скроени, дури доведени до перфекција при монтирањето на филмот“, рече Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“.

Со проекција во рамките на главната програма, на 21 август во Куршумли-ан ќе се одржи македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар. Станува збор за најново документарно остварување на авторка која досега на „МакеДокс“ ги претставила филмовите „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“ и „Бабички на револуцијата“.

На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.

Мастеркласовите посветени на процесот на монтажа ќе ги одржат српската режисерка Мила Турајлиќ и хрватскиот монтажер Владимир Гојун на 19 и 20 август во Даутпашин амам. Мастеркласот на Турајлиќ ќе биде поврзан со диптихот документарни филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“, кои ќе бидат прикажани во главната програма на 20 август во Куршумли-ан. Инаку, Стеван Лабудовиќ бил личниот снимател на Јосип Броз Тито.

Како продолжување на претходните успешни искуства, оваа година ќе има работилница за монтажа со данскиот монтажер Јеспер Осмунд и со данскиот критичар Ту Стин Милер. Работилницата ќе се одржи онлајн на 15 август и ќе продолжи од 18 до 20 август. За работилницата се одбрани четири проекти во фаза на постпродукција од Балканот.

„Петтото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 21 до 23 август во Младинскиот културен центар. Првиот ден од форумот го посветуваме на монтажата, со презентација на 4-те проекти од работилницата за монтажа. Потоа ќе се одржи панел-дискусија помеѓу монтажери и продуценти од Балканот. Претставниците од балканските филмски центри и оваа година се дел од Форумот и тие ќе одржат презентација на можностите за постпродукција и копродуцирање. На 22 август, 11 проекти од Балканот, меѓу кои и два македонски, во различни фази на продукција ќе имаат пичинг и еден-на-еден состаноци со филмски професионалци и гости на фестивалот“, објасни Сара Ферро, координатор на МакеКоПроДокс форумот.

Форумот е организиран и поддржан од фестивалот „МакеДокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија, МЕДИА деск МК, Грчкиот филмски центар, „Вардар филм“, Документарното здружение на Европа и Младинскиот културен центар – Скопје.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден во 18 часот во Куршумли-ан и сегментот „Ноќни приказни“, исполнет со настапи на локални бендови. За време на фестивалот ќе се одржи втората сесија на петтата генерација „Докуникулци“, кои се дел од работилницата за креативен документарен филм.

„МакеДокс“ во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.