Три дена по парламентарните избори, на првата прес-конференција по гласањето, Костадин Костадинов, претседателот на проруската политичка партија „В’зраждане“ (Преродба), инаку нарекуван и „бугарскиот Копејкин“, почна со расправија и обиди за бркање на новинари од „непожелни“ медиуми.
Тој на почетокот на прес-конференцијата во прес-клубот на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Софија првин ги нарече „Дневник“, „Капитал“, „Mediapool“ и „Клуб Z“, „жолто-кафени канализациски цевки на американската амбасада“ и потоа ги повика новинарите на овие медиумите да „покажат воспитаност“ и да ја напустат салата за која „неговата партија платила“. Тој ги обвини овие медиуми дека манипулираат со јавното мислење.
Костадинов се закани дека ако новинарите не излезат, тој нема да ја почне прес-конференцијата, но никој од новинарите не го стои тоа, а потоа Костадинов ги повика вработените во БТА да ги избркаат новинарите, но и тоа не се случи, известува mediapool.bg.
Потоа се обиде да ги раскара новинарите едни против други, па откако ни тоа не се случи, реши да ја прекине прес-конференцијата, но сепак, стоејќи одржа краток брифинг.
Излегувајќи, кажа само дека „Преродба“ нема да поддржи влада формирана од друга партија.
„За време на кампањата Костадинов беше изобилно присутен во бугарски телевизии со национална концесија коишто се сопственост на странски компании, коишто работат и со американски капитал. Тоа не му беше голем проблем“, напоменува mediapoool.bg.
На ваквиот напад врз новинарите реагираше Асоцијацијата на европските новинари – Бугарија, која ги повика новинарите да го бојкотираат Костадинов и политичари слични на него.
„Растревожувачко е однесувањето на лидерот на партијата „В’зраждане“, Костадин Костадинов, којшто во средата се обиде да избрка новинари од зградата на Бугарската телеграфска агенција. Ги повикуваме сите новинари да бидат крајно критични кон слични постапки и во ниту еден случај да не дозволат на политичар да се расправа со нивни колеги. Особено кога не му се случува првпат“, се вели во реакцијата на Асоцијацијата, што ја пренесе mediapool.bg.