Научниците Бертоци, Мелдал и Шарплес се добитници на Нобеловата награда за хемија

Извор на илустрација: илустрација: Кралска шведска академија на науките

Керолин Р. Бертоци, Мортен Мелдал и К. Бери Шарплес се овогодишните добитници на Нобеловата награда за хемија, објави Нобеловиот комитет, пренесува Гардијан. Со олеснување на комплицираните хемиски процеси, тие овозможиле овозможиле употреба на ефикасни хемиски реакции за да се создадат комплексни молекули за фармацевтската индустрија, за мапирање на ДНК-то и за создавање на соодветни материјали.

Според Нобеловиот комитет, научниците се стекнуваат со наградата поради развојот на клик хемијата и биоорогоналната хемија. Тројцата научници ја поделија наградата во вредност од 10 милиони шведски круни или околу 804.000 британски фунти.

Во образложението на Нобеловиот комитет се вели дека хемичарите долго време биле мотивирани од нивната желба да изградат исклучително комплицирани молекули. Во фармацевтските истражувања, ова вклучувало вештачко рекреирање на природни молекули со медицински својства, што пак водело до многу важни молекуларни конструкции кои најчесто се многу скапи и одземаат многу време за производство.

„Овогодишната награда за хемија се справува со овој проблем без да ги направи работите премногу комплицирани и наместо тоа работи со она што е едноставно и лесно. Функционални молекули можат да се изградат дури и преку едноставни правци“, се наведува во образложението на Нобеловиот комитет.

На Шарплес ова му е втора Нобелова награда за хемија. Тој го започнал целиот овој процес околу 2000 година, преку создавање на концептот на клик хемија, што е форма на едноставна и доверлива хемија, каде реакциите се случуваат брзо и се избегнуваат непосакувани споредни продукти. Нешто подоцна Мелдал и Шарплес независно еден од друг го презентирале клучниот елемент на клик хемијата – елегантна и ефикасна хемиска реакција која во моментов нашироко се користи.

Бертоци се стекнала со Нобеловата награда за хемија поради нејзината биоортогонална хемиска реакција, која сега се користи за истражување на клетки и следење на биолошки процеси. Преку оваа реакција, научниците успешно ги усовршат лековите против рак, кои сега се тестираат во клинички студии.