Лани сме испуштиле над 70 милиони метри кубни фекалии во реките и подземните води (инфографик)

Фото: Архива на Мета.мк

Процентот на непречистени отпадни води испуштени директно во водотеците, подземните води и акумулациите лани се намалил за 4,7 отсто, но оваа статистичка бројка не го менува фактот дека најголемиот дел од фекалиите во земјава и понатаму завршуваат како непречистени во нашиот воден фонд. Од вкупното количество на испуштени отпадни води во 2019 година, 67,5 отсто биле непречистени, додека 32,5% биле пречистени отпадни води, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Дури 70.223.000 метри кубни отпадни води биле испуштени како непречистени во водотеците, подземните води и акумулациите во текот на минатата година. Ако се земе во предвид дека една голема цистерна за транспорт на фекални води може да прими 12 метри кубни фекалии, произлегува дека во нашите води лани сме исфрлиле над 5,8 милиони преполни цистерни со фекалии.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека главен причинител за ваквите поразувачки бројки е фактот што во големите градови, како што се Скопје, Тетово и Битола, не се изградени пречистителни станици за отпадни води, кои треба да ги преработуваат фекалиите пред истите да се испуштат во реките и подземните води. Воедно, во некои селски и неурбанизирани средини фекалиите од домаќинствата до денешен ден завршуваат во септички јами, кои потоа се празнат со цистерни и се истураат директно во нашиот воден фонд.

Најголем дел од ваквите фекалии, непречистени завршуваат во водотеците (35.459.000 метри кубни), а по нив следуваат подземните води кои лани биле „збогатени“ со 33.814.000 метри кубни отпадни води. Во акумулациите завршиле 950.000 метри кубни отпадни води, додека фекалии во 2019 година не сме испуштиле во езерата.

Како резултат на ваквата состојба, водите на реките во Скопскиот регион бактериолошки се наоѓаат во четврта категорија на загадување, додека хемиски се измеѓу четврта и петта категорија на загадување. Поради континуираното испуштање на непречистени отпадни води, советите од докторите се да не се употребува вода за пиење што не е од градскиот водовод, додека во водотеците е забрането капење на луѓето, како и полевање на земјоделските површини со речните води.