fbpx

Кукан, Ховит и Вајгл: Да не се опструира специјалната обвинителка

-

Тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, денеска одржаа прес-конференција на која ги кажаа своите гледишта и очекувања од дводневните средби со претставниците на политичките партии, Државната изборна комисија, специјалната јавна обвинителка и со претставниците на невладините организации.

Заедничко за сите тројца е тоа што сметаат дека Договорот од Пржино не е целосно имплементиран, дека има итни реформи со кои се доцни, како и дека европската иднина на Македонија зависи од исполнувањето на обврските, кои политичките партии ги презедоа со потпишувањето на договорот на 2 јуни, односно од 15 јули.

Иво Вајгл рече дека Европскиот парламент продолжува да покажува интерес за Македонија и дека многу е важно Македонија да остане на европскиот пат со исполнувањето на сите аспекти од Договорот од Пржино.

– Со случувањата во изминатите неколку месеци, политичките партии покажаа дека можат да постигнат договор кога се работи за иднината на државата и на граѓаните. По средбите што ги имавме, можам да кажам дека сè уште постојат различни гледишта за некои аспекти од Договорот од Пржино. Не наидовме на едногласност за ситуацијата со медиумите, а има и недостиг од комуникација. Можеме да кажеме дека ситуацијата не е задоволителна, а исто така треба да има и поголема транспарентност. На средбите разговаравме и за изборниот процес, за контроверзниот избирачки список и за други реформи. Очекувме дека Македонија ќе продолжи по патот на реформите. Реално, има процес кој продолжува и јас мислам дека ова треба да го прифатиме како позитивен тренд. Јас можам да ви ветам дека Европскиот парламент и понатаму ќе биде присутен и заинтересиран за Македонија – вели Вајгл.

Според пратеникот Едвард Кукан, имплементацијата на Договорот од Пржино е многу важна затоа што тој е патот за напредокот на државата. Кукан рече дека Европскиот парламент е подготвен да помогне во решавањето на кризата.

– Главната цел на оваа посета е да покажеме дека членовите на Европскиот парламент се грижат за Македонија и за граѓаните. Се надеваме дека Македонија ќе се развива долж европската и евроатланската траекторија. Имавме интензивни разговори со политичките партии, со невладини организации, со Државната изборна комисија и со специјалниот јавен обвинител. Наша цел е да помогнеме да се донесе решение за излез од кризата – рече Кукан.

Според Ричард Ховит, Македонија оваа недела ќе се соочи со меѓународна дипломатија и со притисок, но, како што рече, тоа е само за да ѝ се помогне на државата.

– Јас сметам дека единствената иднина во Македонија лежи во Договорот од Пржино, во целосно имплементирање на договорот. Има уште некои работи што треба да се исполнат, на пример, да се решат проблемите со медиумите, оставката на премиерот и други делови и итни реформи од договорот. Мора да се направи кредибилна проверка на избирачкиот список, да се обезбеди слобода на медиумите, за да се овозможи рамномерен терен за натпревар на изборите. Сакаме сите учесници во работните групи да се ангажираат за да се решат заостанатите проблеми. Загрижени сме дека за некои од реформите за кои се разговара во работните групи, воопшто не е постигнат напредок, туку во некои делови има и назадување. По нашата средба со претставници на специјалното јавно обвинителство, мора да пренесеме дека обвинителството е загрижено поради тоа што смета дека судовите ја опструираат неговата работа со непредавање докази за некои случаи. Исто така, таа побара и поголема поддршка за амандманите за Законот за заштита на сведоците кои ги предлага. Од разговорите со претставникот на ДИК заклучивме дека постои загриженост дека прочистувањето на избирачкиот список е на некакво ниво на импровизација. Можам да кажам дека од Договорот од Пржино зависи препораката на Македонија за почеток на преговорите со Европската унија, како и економските инвестиции во вашата држава – изјави Ховит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руските трупи влегоа во воздушната база во Нигер каде се стационирани американски војници

Рускиот воен персонал влезе во воздухопловната база во Нигер каде се сместени американски војници, по одлуката на нигерската хунта да ги протера американските сили од земјата, пишува Гардијан. Воените офицери...