fbpx

Кривичниот законик ги сруши делата за „Скопје 2014“, Тодоровиќ пуштен од куќен притвор

Во петокот, ексградоначалникот на Општина Центар Тодоровиќ бил пуштен од куќен притвор, бидејќи тој практично беше во притвор за дело кое во актуелните законски измени не постои, истото дело за кое се сомничат и Груевски, Канческа, Ставрески и Аларова

-

На 30 јуни годинава, по поминати години и години во предистрага, Јавното обвинителство објави дека е почната истрага за случајот со кодно име „Феникс“, а кој се однесува на градењето на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“.

Воинот на коњ, двата пара лавови, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Методија Андонов Ченто, Цар Самоил, Јустинијан Први, АСНОМ, Основачите на ВМРО се единаесетте споменици, за кои постоеја сомнежи дека се переле пари преку нивното леење во Италија. Од буџетот на граѓаните се плаќале високи суми пари, а во Италија се лееле за многу пониска сума. Остатокот од парите, но овојпат испрани, на различни начини повторно влегувале во земјава, но овојпат не во буџетот, туку на туѓи сметки.

Под лупа на обвинителството беа 15 луѓе, повеќето од нив многу добро познати за јавноста како креатори на „Скопје 2014“ – експремиерот Никола Груевски, Зоран Ставрески, поранешен министер за финансии, Елизабета Канческа Милевска, ексминистерка за култура, поранешниот претседател на Советот за Општина Центар Владимир Здравев, ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ и неговата претходничка Виолета Аларова.

Груевски, Ставрески, Канческа, Тодоровиќ и Аларова се сомничеа за злоупотреба на службената положба, по член 353, став 5 од Кривичниот законик (КЗ).

Токму овој став беше избришан со последните измени на КЗ, кои Владата по скратена постапка, надвор од очите на јавноста, а со европско знаменце, ги предложи до Собранието, кое па експресно ги усвои, а кворум обезбеди и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во петокот, ексградоначалникот на Општина Центар Тодоровиќ бил пуштен од куќен притвор, бидејќи тој практично беше во притвор за дело кое во актуелните законски измени не постои.

„Мериторна одлука по предметот не е донесена. Тоа што е пуштен од домашен притвор не значи дека е запрена постапката“, велат од Обвинителството.

Постапката и не мора да се запре, но дури и обвинителството да не го гони Тодоровиќ, Груевски, Канческа или Ставрески по став 5, туку по некој од претходните четири става од членот 353, со новите законски измени највисоката затворска казна би била 5 години. Тоа значи дека апсолутна застареност на делата би настапила за 10 години. Во случајов, делото на Тодоровиќ е од 2013 година, што значи дека застарува (или веќе е застарено) годинава.

Со претходните законски измени апсолутната застареност на овие дела беше 40 години, па истите можеа да застарат дури во 2043 година.

Со ова, обвинителството се наоѓа во еден вид ќорсокак – по години и години во предистражна постапка за еден од најголемите случаи за злоупотреби на службата, (освен ако не се најде некаква можност за преквалификација, што е малку веројатно), ќе треба да му се стави печат на застареност.

Ова не важи за Владимир Здравев, кој во случајот „Феникс“ се сомничи и за перење пари, па за него постапката би продолжила. На тој начин постои малку надеж дека би се нашла трагата на парите од буџетот за спомениците од „Скопје 2014“, за кои се претпоставува дека кружеле низ 5 држави за „испрани“ да се внесат во земјава.

Двојна штета – застарување на предмети и финансиски импликации врз буџетот

Измените во Кривичниот законик кои предизвикаа бурни и жестоки реакции во јавноста, најмногу поради предметите за кои ќе настапи застареност (а најголем дел од нив се од поранешното Специјално обвинителстви), создадоа забуни и кај обвинителството.

Па така, вчера беше одложено судењето за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, бидејќи oбвинителот побара време да проучи како ќе влијаат измените врз овој предмет.

Засега ниту еден обвинител не се осудува на своја рака да донесе одлука дали ќе го преквалификува делото или ќе констатира застареност. Се очекува на стручен колегиум следната недела во обвинителството да се разгледаат прашањата за промените на Кривичниот законик, но засега, како што велат од таму, секој јавен обвинител ќе се води според индивидуалните предмети што ги застапува пред судот.

Сето ова ќе значи и многу потрошени пари. Како што пишува БИРН, мини „армија“ од стотина обвинети за предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција би се офајдиле од новите законски измени. Во случаите каде што злоупотребата на службената положба и овластување е единственото дело за кое се гонат обвинетите, ќе треба што поскоро да се констатира застареност, за да не се „билдаат“ судски трошоци за водење на кривичната постапка.

БИРН пишува дека според Адвокатскиот тарифник на Адвокатската комора, основицата за едно судско рочиште за делото за злоупотреба на службената положба и овластување каде има штета на буџетот е 12 илјади денари. На тоа се додаваат 30 проценти паушал и 20 проценти часовнина за секој почнат час, плус награда зголемена за 25 проценти од обвинет и 18 проценти ДДВ.

Вака пресметано, едно рочиште за обвинет за ваков профил на предмети чини околу 600 евра.

Оттаму, измените во Кривичниот законик не само што ќе доведат до пониски казни или застарувања кога станува збор за злоупотреби на службената положба, несовесно работење во службата или злосторничко здружување, туку и ќе имаат сериозни импликации врз буџетот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...