15 луѓе, преку пет држави, за 11 споменици – истрага за тоа како се переле пари од „Скопје 2014“

Од буџетот на граѓаните се плаќале високи суми пари, а во Италија се лееле за многу пониска сума. Остатокот од парите, но овојпат испрани, на различни начини повторно влегувале во земјава, но овојпат не во буџетот, туку на туѓи сметки, соопшти обвинителството, презентирајќи ја истрагата со кодно име „Феникс“

Фото: Колаж, Мета.мк

Воинот на коњ, двата пара лавови, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Методија Андонов Ченто, Цар Самоил, Јустинијан Први, АСНОМ, Основачите на ВМРО. Ова се единаесетте споменици за кои Јавното обвинителство, по долги години предистражна постапка, отвори истрага – сомнежите се дека 15 лица переле пари за нивното леење во Италија. Од буџетот на граѓаните се плаќале високи суми пари, а во Италија се лееле за многу пониска сума. Остатокот од парите, но овојпат испрани, на различни начини повторно влегувале во земјава, но овојпат не во буџетот, туку на туѓи сметки.

Осомничени за случајот се експремиерот Никола Груевски, второосомничен е Зоран Ставрески, поранешен министер за финансии, третоосомничена е Елизабета Канческа Милевска, ексминистерка за култура, четвртоосомничен е поранешниот претседател на Советот за Општина Центар Владимир Здравев, петтосомничен е ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, а шестоосомничена е неговата претходничка Виолета Аларова. Еден од осомничените, осмиот по ред, е италијански државјанин – Фердинандо Маринели, сопственик на италијанската леарница „Фондериа Маринели“.

Сите тие, обединети во случајот со кодно име „Феникс“, според обвинителството, испрале милиони евра, преку леењето на спомениците, а како што рече обвинителот Љубомир Лапе, кој го водеше случајот, „под превез на државотворно значење на личностите“.

За да се отвори истрагата „Феникс“, прибавена била правна помош од пет странски држави, а во текот на вчерашниот ден до судија на претходна постапка побарани се претреси, одземање на имот заради обезбедување и идна конфискација, замрзнување на банкарски сметки и удели и предлози за определување мерки притвор.

Истражна постапка, освен против 15 физички, отворена е и против седум правни лица, од кои три се италијански правни лица. Осомничените се теретат за кривичните дела злоупотреба на службената положба и за перење пари.

Сите овие 11 споменици се леени во една леарница – Фондериа Маринели и Галериа Базанти од Фиренца.

Заобиколено Собранието за да се финансира изградбата на спомениците

Според обвинителството, од втората половина на 2007 година до крајот на 2013 година во Скопје, првоосомничениот Груевски, како претседател на Влада и претседател на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, заедно со заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерката за култура Канческа Милевска, тогашниот претседател на Советот Здравев, градоначалникот на Центар, Тодоровиќ и други лица, се поврзале со цел да остварат политичка и финансиска корист.

Љубомир Лапе, обвинител / Фото: Принтскрин, видео во живо на МИА

„Под превезот на државотворното значење на личностите за кои се подигаат споменици, осомничените започнале проект во јавноста познат како Скопје 2014, за кој реално не постои одлука, проект, програма од надлежен орган. Преку Министерството за култура и третоосомничената се подготвувале и поднесувале иницијативи за изградба на споменици под изговор дека се работи за спомен обележја од локално значење за жителите на Општина Центар. Иако станувало збор за личности кои се од значење на државата, иницијативите за подигнување на споменици се поднесувале пред Советот на општина Центар и како резултат на тоа започнале и се спроведувале постапки за подигнување на меморијални споменици за кои единствено надлежно согласно закон е Собранието“, рече обвинителот Лапе.

На овој начин, заобиколувајќи го Собранието, осомничените обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 57.681.138 евра, соопшти обвинителството. Градоначалниците, пак, ги прифаќале однапред испланираните средства без законски основ и без да се отворат посебни сметки, како капитални дотации.

Со ова, тие ја заобиколиле парламентарната контрола врз процесот на трошење, обезбедувајќи неконтролиран пристап. На тој начин осомничените целосно го нарушиле основното начело на поделба на власта и затоа Тодоровиќ, Аларова и Здравев, според обвинителството, се теретат за злоупотреба на службата.

Леењето на Воинот на коњ платено 4,7 милиони евра, а споменикот излеан за 2,3 милиони

Откако распишале тендер за леарница, од обвинителството тврдат дека прифатиле понуда од оператор кој првенствено не ги исполнувал условите ниту пак доставил комплетни понуди, а ги отфрлале сите останати понуди на тендерите. Италијанскиот државјанин, односно осмоосомничениот, на располагање им ги ставил неговите фирми, кои понатаму на други фирми доставувал однапред направени понуди и потпишувал договори, иако знаел дека дел од нив воопшто немаат дејност леење или обработка на мермер.

Подоцна, според обвинителството, изработката на спомениците со потдоговори, се пренесувала на сосема други леарници, но за далеку пониски цени, а тој лажно прикажувал дека изработката е од неговите правни лица. Па така на пример, ако тендерот за леење на Воинот на коњ во земјава изнесувал 4,7 милиони евра, во Италија бил излеан за 2,3 милиони евра.

„Со преземените дејствија осмоосомничениот како управител и сопственик и две правни лица од Р. Италија прибавиле за себе значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 16.136.150 евра“, соопшти Лапе.

Пари се ваделе во кеш, преку офшор компании и за консултантски услуги

Потоа, според обвинителството, следувало „перењето на парите“, кое се извршувало на различни начини. Па така, во исто време додека се одвивале плаќањата, врз основа на склучените договори за јавни набавки за изработка на спомениците, од Општина Центар кон две осомничени правни лица управувани од Италијанецот, дел од „валканите“ пари во вкупен износ од 1,1 милиони евра, во бројни наврати ги подигал во готовина од осомничените правни лица.

„Друг дел од парите, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството и да ги помешаат со легалните приходи кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата започнала да ги прима и пушта во оптек на различни начини – еден дел директно во нашата држава, а дел преку други држави кон Република Северна Македонија. Во периодот од 2008 година до 2009 година од Фиренца, преку две осомничени фирми со кои управувал, во неколку наврати, преку банкарски трансакции по основ на фиктивни фактури, пренел и пуштил во оптек од Република Италија директно на правно лице во РСМ пари во износ од 177.221 евра кои претходно ги примил. Овие средства од сметката на правното лице биле подигнати во готовина и предадени на еден од осомничените, притоа дел од нив биле префлени на сметките на други правни лица, од каде повторно биле подигнати во готовина и предадени на еден од осомничените“, објасни Лапе.

Во периодот 2009 година до 2010 година, пак, од Фиренца, преку друга странска држава, во Скопје, Италијанецот, преку две осомничени правни лица, преку банкарски трансакции по основ на фиктивни фактури за консултантски услуги, во повеќе наврати, пренел и ги пуштил во оптек дел од „валканите“ пари од 327.853 евра.

Воедно, во периодот од 2008 година до денес, во земјава и во странство, четвртоосомничениот (н.з. Владимир Здравев), создал група која што се занимава со перење на пари, на која членови станале седуммина од осомничените и други НН лица. Тој, како што изјави Лапе, преку офшор компании создал мрежа на новоформирани фирми – три македонски и една странска, кои во повеќе наврати примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност.

„Со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем“, рече Лапе.

Вчера, во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, а со наредба на судија на претходна постапка, уапсени беа пет лица, меѓу кои и Тодоровиќ и Здравев.

Во моментов тие се пред судија на претходна постапка.

Акцијата, како што кажа и обвинителот, била спроведена вчера, по добиените сознанија дека Здравев сакал да ја напушти државата преку граничниот премин Табановце.

Уапсени ексградоначалникот Тодоровиќ и поранешниот претседател на Советот на Центар, Здравев