Кристофер Хил од Вашингтон: Србија е клуч за стабилноста на Западен Балкан

Кандидатот за амбасадор на САД во Србија, Кристофер Хил вчера во обраќањето пред Комитетот за надворешни работи во Сенатот рече дека има бројни прашања што го засегаат во однос на денешна Србија, но и на Западниот Балкан, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.

Номинираниот иден амбасадор изјави дека односот на владите меѓу Србија и Босна и Херцеговина (БиХ) ќе биде клучен за соработката меѓу Белград и Вашингтон. Кристофер Хил додаде дека ситуацијата во БиХ е попроблематична од претходно, бидејќи властите во Република Српска преземаат чекори за одвојување на армијата и судството од босанските институции.

Во однос на прашањето со Косово, Хил вели дека Србија мора да ги нормализира односите со Косово за да стане членка на ЕУ. За дијалогот меѓу Белград и Приштина, Хил рече дека има „фрустрирачки недостаток на напредок во преговорите“.

Во однос на внатрешната состојба во Србија, весникот „Данас“ ја пренесува изјавата на Хил дека ќе го поддржи спроведувањето на важни реформи во Србија, ќе го поддржи граѓанското општество и ќе го нагласи значењето на слободата на медиумите во Србија. Тој ќе настојува во земјата да се одржат транспарентни и чесни избори, коишто е планирано да се одржат во април 2022 година.

Хил, исто така, рече дека ќе се обиде да ѝ помогне на Србија да изгради отпор кон малигните надворешни влијанија, вклучувајќи го кинеското и руското. Идниот американски амбасадор во Белград додал дека САД не сакаат да видат зајакнување на руското влијание во Белград, но и дека САД треба да ѝ покаже на Србија дека се подобар модел и алтернатива од Русија и Кина.

Американскиот претседател Џо Бајден во октомври годинава го номинираше Кристофер Хил за нов амбасадор на САД во Белград. Неговото назначување мора да го потврди американскиот Сенат.